Премногу ниските, но и премногу високите вредности на кортизол (хормон на стресот) може да доведат до негативни здравствени последици. Долготрајната изложеност на стрес може да ја наруши неговата природна регулација. За одржување нормално ниво на кортизол и заштита на ендокриниот систем најважно е да се влијае на: регулирањето на стресот (спиењето), правилната исхрана и умерениот тип вежбање, вели во интервју за МИА директорот на Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболитички нарушувања, проф. д-р Ирфан Ахмети.

Посочува дека спиењето е еден од најважните фактори што влијаат врз регулирањето на нивото на кортизолот, кое може да се зголеми поради акутен стрес, болест, интензивна физичка активност, недостиг на сон, спиење помалку од шест часа, јадење преработена храна, која доведува до нестабилни нивоа на шеќерот во крвта, блага дехидратација, или употреба на одредени лекови, а симптоми кои најчесто укажуваат на тоа се: чувство на хроничен замор, проблеми со спиењето, раздразливост, тешкотии при концентрирање, промени во апетитот и постепено зголемување на телесната тежина.

Тој нагласува дека секое влијание во нарушувањето на ритамот на лачење кортизол (стрес, Кушингов синдром, користење долгорочна кортикостероидна терапија) може да доведува до нарушување на сонот како во квантитет така и во квалитет. Долгорочно, ова предизвикува анксиозност и исцрпеност и може да доведе до сериозни метаболистички и кардиоваскуларни здравствени проблеми,

– Лачењето кортизол може да биде нарушено и кога постои зголемено ниво (хиперкортизолемија) или негово намалено ниво (хипокортизолемија). Кушингов синдром е медицинска состојба која се карактеризира со продолжено изложување на високи нивоа на кортизол. Оваа состојба може да биде резултат на разни причини, вклучувајќи ендогени извори, како тумори, или егзогени фактори, како што е продолжена употреба на стероиди. Примарните причини за Кушингов синдром вклучуваат аденом на хипофизата (Кушингова болест), тумори на надбубрежните жлезди (Кушингов синдром), ектопични тумори (Ектопичен Кушинг или Ектопичен АЦТХ-синдром) и прекумерна употреба на кортикостероиди (јатроген Кушинг) – истакнува д-р Ахмети.

Од типичните знаци за Кушингов синдром, како што наведува докторот, се појавуваат централна дебелина, заоблување на лицето познато како месечево лице (moon face) и појава на специфични виолетови или пурпурни стрии на кожата, знаци што директно произлегуваат од дејството на хронично зголемениот кортизол врз метаболизмот и ткивата во организмот. Според него, иако постои врска меѓу стресот, кортизолот и телесната тежина, реалноста е многу посложена од едноставното тврдење дека само „кортизолот е виновен за дебелината“.

– Многу фактори, како генетски, социо-биолошки, психолошки, како и фактори на средината, влијаат врз дебелината како комплексна болест. Нивото на кортизол е обично највисоко рано наутро, при што му помага на телото да премине од состојба на мирување во будност, ја зголемува достапноста на енергија и го подготвува телото за дневни активности. Како што поминува денот, нивото на кортизол постепено се намалува достигнувајќи ја својата најниска точка во текот на ноќта кога телото се подготвува за спиење и одмор – посочува д-р Ахмети.

Тој вели дека продолжениот стрес може да влијае на низа навики и процеси што може да придонесат за зголемување на телесната тежина со текот на времето.

– Физичката активност има многубројни позитивни ефекти врз физичкото и менталното здравје, вклучително и поголема отпорност на стрес. Редовното пешачење може да придонесе за подобро расположение, поквалитетен сон и поефикасно справување со секојдневните предизвици. Се препорачува исхрана што вклучува многу зеленчук, овошје, житарки од цело зрно, мешунки, квалитетни извори на протеини и здрави масти, како и редовните оброци. Не се препорачува обилна вечера – додава д-р Ахмети во интервју за МИА.

Што претставува кортизолот и зошто е важен за нормалното функционирање на организмот? 

Кортизолот е хормон што се лачи од надбубрежните жлезди и е еден од најважните хормони вклучени во одржувањето на хомеостазата на телото. Во физиолошки услови неговото лачење е под контрола на лачењето на адренокортикотропниот хормон (ACTH) од хипофизата. Иако најчесто се нарекува хормон на стрес, неговата функција е многу поголема. Тој игра улога во регулирањето на многубројни процеси неопходни за секојдневното функционирање, вклучувајќи ги метаболизмот, производството на енергија, регулирањето на крвниот притисок, функцијата на имунолошкиот систем и одржувањето стабилни нивоа на шеќер во крвта.

Кога во текот на денот нивото на кортизол е највисоко, а кога најниско, и што значи ако тоа остане зголемено навечер? 

Телото не произведува кортизол само кога сме под стрес. Неговото лачење се случува во текот на денот според природен дневен ритам познат како циркадијален ритам. Нивото на кортизол е обично највисоко рано наутро, при што му помага на телото да премине од состојба на мирување во будност, ја зголемува достапноста на енергија и го подготвува телото за дневни активности. Како што поминува денот, нивото на кортизол постепено се намалува достигнувајќи ја својата најниска точка во текот на ноќта кога телото се подготвува за спиење и одмор. Овој природен модел на лачење е важен за одржување редовен циклус на спиење и будење.

Една од клучните улоги на кортизолот е поврзана со начинот како телото управува со енергијата. Кога на телото му е потребна дополнителна енергија, кортизолот учествува во процеси што ослободуваат гликоза во крвотокот обезбедувајќи им на клетките доволно енергија. Во исто време, тој влијае на метаболизмот на мастите и протеините и му помага на телото ефикасно да ги распредели достапните резерви на енергија. Поради оваа причина, тој игра витална улога за време на стрес, физички напор, болест, повреда и други ситуации, каде што барањата на телото за енергија се зголемени.

Кортизолот исто така игра улога во регулирањето на имунолошкиот систем и воспалителните процеси. Под одредени околности тој може да ја потисне воспалителната реакција на телото; поради тоа, синтетските форми на кортизол и слични хормони често се користат за лекување разни воспалителни, алергиски и автоимуни заболувања. Сепак, неговата активност мора внимателно да се балансира бидејќи и премногу ниските и премногу високите вредности може да имаат негативни здравствени последици.

Кои се најчестите причини за зголемено ниво на кортизол – дали станува збор само за стрес или може да укажува и на ендокрино заболување? 

Терминот хормон на стрес произлегува од неговата витална улога во ситуации што телото ги перципира како тешки или потенцијално опасни. Кога мозокот ќе открие причинител за стрес – без разлика дали станува збор за физичка закана, болест, интензивен напор или психолошки напор – се активира сложен комуникациски систем меѓу мозокот и надбубрежните жлезди. Како одговор на тој сигнал се зголемува лачењето кортизол обезбедувајќи му на телото дополнителна енергија и ресурси потребни за приспособување на новата ситуација. Овој механизам бил многу важен во текот на човечката еволуција; во моменти на опасност телото морало бргу да реагира за да ги зголеми шансите за преживување (па затоа се нарекува и хормон на борба или бегање).

Стресот денес обично не е поврзан со непосредна физичка закана, туку со работни обврски, финансиски проблеми, меѓучовечки односи, здравствени проблеми или хроничен недостиг на одмор. Иако изворите на стрес се разликуваат, телото продолжува да ги користи истите биолошки механизми за приспособување.

Кортизолот не му е непријател на телото. Без него, не би можеле да одржуваме стабилно ниво на енергија, ефикасно да реагираме на промените во животната средина или да се приспособиме на секојдневните предизвици. Проблемот e долготрајната изложеност на стрес, која може да ја наруши неговата природна регулација. Поради овие причини, современата медицина и науката се фокусираат многу повеќе на хроничниот стрес и на неговите последици отколку на самиот кортизол, кој во нормални околности е составен дел од здравото функционирање на организмот.

Што се случува кога нивото на кортизолот е долготрајно зголемено? 

Како што претходно спомнав, повремените скокови на кортизол се сосема нормален дел од функционирањето на телото. Телото е дизајнирано да реагира на стресни ситуации со краткорочно зголемување на нивоата на кортизол; кога ќе помине предизвикот, овие нивоа се враќаат во нивниот вообичаен опсег. Овој механизам ни помага да се приспособиме на промените, да го одржиме фокусот и да обезбедиме доволно енергија кога ни е најпотребна.

Продолжената изложеност на барања поврзани со работата, финансиски грижи, здравствени проблеми, затегнати врски или хроничен недостиг на сон може да предизвика телото да остане во состојба на зголемена будност подолг период. Една од најчестите последици е чувството на замор, исцрпеност, недостиг на мотивација, намалена способност за закрепнување од секојдневните активности. Сонот може да биде значително засегнат од хроничниот стрес. Бидејќи лачењето кортизол е поврзано со природниот циклус на спиење и будење, нарушувањата во неговата регулација може да го отежнат заспивањето или да доведат до чести ноќни будења.

Може да се забележат и промени во расположението. Хроничниот стрес често се поврзува со зголемена раздразливост, чувство на напнатост или нервоза и намалена толеранција кон секојдневните предизвици. Некои поединци може да имаат тешкотии со концентрацијата, донесувањето одлуки и меморијата, што дополнително го интензивира чувството на преоптовареност.

Лачењето на кортизолот може да биде нарушено и кога постои зголемено ниво (хиперкортизолемија) или намалено ниво на кортизол (хипокортизолемија). Кушингов синдром е медицинска состојба која се карактеризира со продолжено изложување на високи нивоа на кортизол. Оваа состојба може да биде резултат на разни причини, вклучувајќи ендогени извори, како тумори, или егзогени фактори, како што е продолжена употреба на стероиди. Примарните причини за Кушингов синдром вклучуваат аденом на хипофизата (Кушингова болест), тумори на надбубрежните жлезди (Кушингов синдром), ектопични тумори (Ектопичен Кушинг или Ектопичен АЦТХ-синдром) и прекумерна употреба на кортикостероиди (јатроген Кушинг).

Кои знаци и симптоми најчесто укажуваат на зголемено ниво на кортизол и како граѓаните може да препознаат дека е потребно лекарско испитување? 

Меѓу најчесто спомнуваните поплаки се чувство на хроничен замор, проблеми со спиењето, раздразливост, тешкотии при концентрирање, зголемен стрес, промени во апетитот и постепено зголемување на телесната тежина. На некои луѓе им е потешко да се опуштат по долг и напорен ден, а други се чувствуваат постојано под притисок, дури и кога нема присутни поголеми причинители за стрес.

Од типичните знаци за Кушингов синдром се појавуваат централна дебелина, заоблување на лицето, познато како месечево лице (moon face), и појава на специфични виолетови или пурпурни стрии на кожата. Овие знаци директно произлегуваат од дејството на хронично зголемениот кортизол врз метаболизмот и ткивата во организмот.

Тенки екстремитети и слабост во мускулите на натколениците и рамениот појас, поради што пациентите имаат тешкотии при станување од стол или качување по скали, може да биде придружен знак за Кушингов синдром. Одредени заболувања, како хипертензија (т.н. ендокрина хипертензија), нарушена гликозна толеранција или дијабетес тип 2, остеопороза, кај жени нарушен менструален циклус, појава на машка влакнавост на лицето и телото (хирзутизам), а кај мажи намалено либидо, еректилна дисфункција и опаѓање на плодноста може да бидат причина за сомневање за Кушингов синдром. Од психичките и когнитивните промени може да бидат присутни промени во расположението, изразена анксиозност, иритабилност и тешка психоза и депресија, проблеми со краткотрајната меморија, слаба концентрација и несоница.

Што вклучуваат лабораториските тестови за мерење на нивото на кортизол? 

Лабораториските тестови за мерење на нивото на кортизол вклучуваат три основни типа на анализи, и тоа од: крв, урина и плунка, кои се користат за да се потврди неговото прекумерно лачење и да се утврди дали е нарушен неговиот природен деноноќен ритам. Бидејќи нивото на кортизол природно варира во текот на денот, еден тест на крв често не е доволен. Секогаш се зема предвид клиничката слика со симптоми и знаци, придружните состојби, како и лабораториските наоди (гликемија, електролити), одредување базален кортизол и АЦТХ. Понатаму, процената на дневниот ритам на кортизолот се врши со мерење на неговите нивоа во текот на целиот ден.

Основни скрининг-тестови за Кушингов синдром се 24-часовен слободен кортизол во урина (UFC) и брзиот дексаметазонски тест со 1 мг. Додека мерењето кортизол од плунка (Late-night salivary cortisol) кај нас е недостапно. Зголеменото ниво кортизол во резултатот од поединечно испитување не укажува автоматски на присуство на болест. Нивото може привремено да се зголеми поради акутен стрес, болест, интензивна физичка активност, недостиг на сон или одредени лекови. Затоа резултатите секогаш се толкуваат во контекст на симптомите, клиничкиот преглед и сите дополнителни испитувања што може да бидат потребни.

Позитивниот наод од скрининг-тестот дава право на диференцирање на причината дали се работи за Кушингова болест, Кушингов синдром или за ектопичен Кушинг, при што се користат одредени тестови, (високодозен дексаметазон супресивен тест -8-mg). Дополнително, дијагностички методи, како магнетна резонанција, компјутерска томографија, ја потврдуваат локацијата на Кушинговиот синдром.

Како луѓето што имаат зголемено ниво на кортизол да го намалат? 

Многу е важно да се направи дистинкција меѓу зголемени вредности на кортизол поради тумор и поради состојби што влијаат на зголемување на кортизолот (псевдо-Кушингов синдром). Станува збор за хормон тесно поврзан со стресот, спиењето, физичката активност и целокупното здравје, па затоа е важно да се процени нивното влијание при одредување, односно интерпретирање на резултатите.

Каква е поврзаноста меѓу кортизолот, исхраната и телесната тежина? 

Физичката активност има многубројни позитивни ефекти врз физичкото и менталното здравје, вклучително и поголема отпорност на стрес. Редовното пешачење може да придонесе за подобро расположение, поквалитетен сон и поефикасно справување со секојдневните предизвици. Целта не е да се исцрпи телото со интензивни тренинзи – туку умерена физичка активност, како пешачење, возење велосипед, пливање и други форми на рекреација. Исхраната игра важна улога во целокупното здравје и во имунитетот на организмот кон стрес. Се препорачува исхрана што вклучува многу зеленчук, овошје, житарки од цело зрно, мешунки, квалитетни извори на протеини и здрави масти. Редовните оброци може да помогнат во одржувањето стабилно ниво на енергија во текот на денот, а прекумерното земање ултрапреработена храна, шеќер и алкохол може да им го отежне одржувањето здрави навики на некои луѓе. Не се препорачува обилна вечера.

Стресот е неизбежен дел од животот и не може целосно да се елиминира. Она на што можеме да влијаеме е како да се справуваме со него. Разни методи функционираат за разни луѓе. Некои наоѓаат олеснување преку техники за релаксација, медитација или вежби за дишење, а други имаат корист од поминување време во природа, занимавање со хоби, читање, слушање музика или вклучување во други активности што обезбедуваат чувство на одмор и задоволство. Важно е да се одвои време за активности што не се поврзани со работата и обврските.

Дали зголеменото ниво на кортизол може да придонесе за дебелеење? 

Една од најчестите причини зошто денес се дискутира за кортизолот е неговата поврзаност со телесната тежина, т.е. централната дебелина. Иако постои врска меѓу стресот, кортизолот и телесната тежина, реалноста е многу посложена од едноставното тврдење дека само кортизолот е виновен за дебелината. Многу фактори, како генетски, социо-биолошки, психолошки, како и фактори на средината, влијаат врз дебелината како комплексна болест. Од друга страна, продолжениот стрес може да влијае на низа навики и процеси што може да придонесат за зголемување на телесната тежина со текот на времето. Еден од најзначајните фактори се промените во навиките во исхраната. За време на стресни периоди многу луѓе се свртуваат кон висококалорична храна богата со шеќер и масти бидејќи таквата храна кратко ги активира центрите за задоволство во мозокот и може да обезбеди привремено чувство на олеснување.

Како кортизолот влијае врз сонот, расположението и целокупното ментално и физичко здравје? 

Во физиолошки услови пулсното лачење на АЦТХ и кортизолот, со постепено намалување во ноќните часови, го подготвува телото за одмор и спиење, спротивно од тоа – зголемувањето на кортизолот во телото во утринските часови го подготвува организмот за будење. Секое влијание во нарушувањето на овој ритам на лачење (стрес, Кушингов синдром, користење долгорочна кортикостероидна терапија) може да доведува до нарушување на сонот како во квантитет така и во квалитет. Долгорочно ова предизвикува анксиозност и исцрпеност и може да води до сериозни метаболистички и кардиоваскуларни здравствени проблеми.

Спиењето е еден од најважните фактори што влијаат врз регулирањето на кортизолот. Во текот на ноќта телото поминува низ процеси на закрепнување и обнова, а нарушувањата на спиењето може да влијаат на природниот ритам на лачење на овој хормон. Препорачливо е воспоставување редовен распоред за спиење, избегнување користење електронски уреди, односно подобрување на квалитетот на спиење.

Добрата вест е дека регулирањето на навиките, кои се препорачуваат за општо здравје (спиење најмалку од шест до девет часа, антистрес-вежби, итн.), исто така може да му помогнат на телото подобро да се справи со стресот и да одржи соодветна хормонска регулациja.

Дали зголеменото ниво на кортизол може да придонесе за дебелеење? 

Една од најчестите причини зошто денес се дискутира за кортизолот е неговата поврзаност со телесната тежина, т.е. централната дебелина. Иако постои врска меѓу стресот, кортизолот и телесната тежина, реалноста е многу посложена од едноставното тврдење дека само кортизолот е виновен за дебелината. Многу фактори, како генетски, социо-биолошки, психолошки, како и фактори на средината, влијаат врз дебелината како комплексна болест. Од друга страна, продолжениот стрес може да влијае на низа навики и процеси што може да придонесат за зголемување на телесната тежина со текот на времето. Еден од најзначајните фактори се промените во навиките во исхраната. За време на стресни периоди многу луѓе се свртуваат кон висококалорична храна богата со шеќер и масти бидејќи таквата храна кратко ги активира центрите за задоволство во мозокот и може да обезбеди привремено чувство на олеснување.

Како кортизолот влијае врз сонот, расположението и целокупното ментално и физичко здравје? 

Во физиолошки услови пулсното лачење на АЦТХ и кортизолот, со постепено намалување во ноќните часови, го подготвува телото за одмор и спиење, спротивно од тоа – зголемувањето на кортизолот во телото во утринските часови го подготвува организмот за будење. Секое влијание во нарушувањето на овој ритам на лачење (стрес, Кушингов синдром, користење долгорочна кортикостероидна терапија) може да доведува до нарушување на сонот како во квантитет така и во квалитет. Долгорочно ова предизвикува анксиозност и исцрпеност и може да води до сериозни метаболистички и кардиоваскуларни здравствени проблеми.

Спиењето е еден од најважните фактори што влијаат врз регулирањето на кортизолот. Во текот на ноќта телото поминува низ процеси на закрепнување и обнова, а нарушувањата на спиењето може да влијаат на природниот ритам на лачење на овој хормон. Препорачливо е воспоставување редовен распоред за спиење, избегнување користење електронски уреди, односно подобрување на квалитетот на спиење.

Добрата вест е дека регулирањето на навиките, кои се препорачуваат за општо здравје (спиење најмалку од шест до девет часа, антистрес-вежби, итн.), исто така може да му помогнат на телото подобро да се справи со стресот и да одржи соодветна хормонска регулациja.