Релативизацијата е многу опасна работа од официјален функционер како претседател на Република Македонија, порачува проф. д-р Тања Каракамишева, во врска со изјавите на претседателот Стево Пендаровски за европратеникот Ангел Џамбаски.

– Нека си ја преслуша претседателот Пендаровски уште еднаш целата изјава на Џамбаски изнесена во центарот на Скопје, а му предлагам и сите претходни, за да ги види сите елементи на загрозување на државниот поредок на Македонија и нејзината безбедност! Никој не спори право на етничка/национална припадност на одредени луѓе, но многу спориме кога тие луѓе ги НЕГИРААТ МАКЕДОНЦИТЕ, НИВНИОТ ИДЕНТИТЕТ И ИСТОРИЈА!- пишува Каракамишева во нејзината реакција објавена на Фејсбук.

Реакцијата на универзитетската професорка доаѓа по изјавите на Пендаровски по антимакедонски провокации на Џамбаски среде Скопје.

– Јас не барам протерување, ниту забрана за доаѓање во Македонија на лица, кои велат дека сме Бугари. Имаат право да го викаат тоа. Не ми пречи колку и да вика во центарот на Скопје дека јас не сум Македонец. Тоа се политички шарлатани, циркузанти, изјави Пендаровски за европратеникот Џамбаски и неговиот неодамнешен настап во Скопје.