Сегашните убедувачки мисии на европските високи дипломати, од рангот на министри за надворешни работи, целиот евроинтегративен процес го прават да изгледа повеќе како политичка лакрдија, отколку како процес заснован врз европските принципи и вредности, кои, наводно, сакаат да ни помогнат да ги достигнеме, вели универзитетската професорка д-р Наташа Котлар – Трајкова.

Проф. Котлар додава дека „единствениот пат кога не сме направиле компромис е во Втората светска војна, од која добивме АСНОМ, своја држава и од што не сме губитници“.

Ставот на проф. Котлар од Институтот за национална историја е дел од нејзината изјава во анализата на весникот Нова Македонија, кој таа го објави на својот профил на Фејсбук.

Во продолжение ставот на Котлар во врска со уставните измени и притисоците кои се засилуваат во тн. дипломатска офанзива од ЕУ:

Како да се сфатат сериозно сегашните убедувачки мисии на чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи, но и на целата европска бирократија, за да прифатиме внесување на Бугарите во македонскиот устав, што повлекува и серија други услови за бугаризирање на македонската историја, кога пред три-четири години истите земји издадоа декларација, со која зазедоа став дека ЕУ не може да пишува и да влијае со декрети за националните истории и воопшто за историјата?

Кога беа сериозни европските министри? Тогаш, или сега кога нѐ убедуваат да прифатиме уставни измени, а потоа и бугарска историја?

Секогаш како Македонци и како Македонија губиме низ историјата кога ги прифаќаме компромисите, на кои нѐ принудувале и нѐ принудуваат и натаму големите сили: од браќата Миладиновци, кои беа принудени на компромис во име на сесловенството да го прифатат македонството како дел од бугарскиот проект, преку компромисот направен во неуспешното Илинденско востание со прифаќање на врховистичките елементи…

Македонија во историски пресудните мигови секогаш губела. Единствениот пат кога не е направен компромис е во Втората светска војна, од што го добивме АСНОМ, своја држава и не бевме губитници.

Сега, повторно ни се наметнуваат компромиси за нашите евроинтеграции, кои повеќе наликуваат на диктат, а не на компромис. Собранието ги усвои т.н. француски предлог на преговарачката рамка со нестандардни анекси и услови, но тоа не требаше да се случи и не треба да ѝ се случи на Македонија. Со така условената преговарачка рамка не одиме ниту напред ниту назад, таа е така создадена, за да заглавиме во евроинтегративниот процес, вели проф. д-р Наташа Котлар – Трајкова.

Целиот текст од анализата може да го отворите ТУКА.