Спикерот Талат Џафери не е ниту Уставен суд, ниту уставен судија, тој треба да го толкува собранискиот Деловник, а не уставноста на иницијативата за референдумот, вели професорката по Уставно право, Гордана Силјаноска – Давкова за Пресинг ТВ.

Оваа реакција доаѓа откако синоќа претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, ја отфрли иницијативата за спроведување референдум за поништување на Законот за ратификација на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија како неуставна.

Според Силјановска-Давкова, Џафери сега се претставува како уставен судија или како Уставен суд.

– Ако е така, па дај да го избереме Џафери наместо Љубомир Јовевски за уставен судија, вели проф. Силјановска-Давкова.

Таа е децидна дека спикерот Џафери мора да ја почитува постапката и иницијативата веднаш да ја проследи до двете надлежни собраниски комисии-Законодавно-правната и таа за политички систем. Дури и нивното мислење да биде негативно за иницијативата, таа сепак мора да се најде на дневен ред на првата наредна собраниска пленарна седница, што директно е наведено во членовите 191 и 192 од Деловникот за работа на Собранието.

Целиот текст во Пресинг ТВ