На денешното рочиште, судот го прифати барањето на работниците за отворање на стечај на Бетон АД Скопје поради неисплатените повеќе од 8 плати како и 2 регреси за годишен одмор, соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

– Работниците, храбро ја водеа борбата заедно со Синдикатот СГИП која го даде резултатот што го бараа, а со тоа се покажа дека работодавачите се моќни онолку колку што ќе им дозволат работниците. По објавувањето на Решението од Судот, Синдикатот СГИП ќе обезбеди бесплатна правна помош за постапките за материјално обезбедување на работниците од страна на АВРМ како и за пријавување на стечајните побарувања за плати и придонеси како и други побарувања од работен однос, а за што Синдикатот СГИП ќе информира на 2 Мај. Ги повикуваме овие работници да се приклучат на првомајскиот протест за да ги охрабрат и другите работници во борбата за нивните работнички права! Овој случај да служи на сите работодавачи како потсетник дека нема да дозволиме никој да си игра со судбините на работниците, се вели во соопштението од ССМ.

Бетон е една од неколкуте македонски градежни фирми кои во минатото градеа и надвор од Македонија и на други континенти.