Мислам дека имаме сериозен проблем во интерпретирањето на пораките кои ни ги праќа премиерот Заев без разлика дали се од собраниска говорница, владина прес конференција, митинг или гостување на телевизја. Или ние не сме доволно умни за да го сфатиме што кажува, односно нашето еволутивно ниво е за степен пониско од неговото или човекот менува стаовови побрзо од тоа што менува чорапи.
И ете вчера пак се соочивме со ситуација во која не го сфативме премиерот што сака да каже. Од срцепарателниот говор во кој понуди прошка за настаните од 27ми и побара да си пружат рака пратениците од опозицијата и власта, и заедно да ги изгласаат уставните измени за подобро утре цела нација сфати дека Заев понуди амнестија за возрат на гласовите од опозицијата ама всушност не било тоа, станувало збор само за обично простување.
Дополнителна забуна прави мотивацијата на Заев баш сега да понуди прошка за немилите настани од 27 април особено што христијанскиот празник Прочка помина, а следната е за некој месец. Исто така не е јасно зошто па во крајна линија неговото лично простување би ги мотивирало пратениците од опозицијата да гласаат ни помалку ни повеќе туку за промена на уставното име на Република Македонија?! Дали неговото простување е пандан на простувањето од Господ па сега пратениците од опозицијата френетично треба да паднат на колена да му се заблагодарат дека им простил и во катарза да извикаат дека и тие ќе гласаат ЗА?!
Не може човек да не се запраша, како бе сега му текна за националното помирување, а не пред 1 година? Како не доживеа вдахновение и христијански да прости кога ги затворија Дурловски, Дамевски, Богадан и Владо?! Кога се апсеа административни службеници и кога се притворија пратенци?! Затоа што зборуваме за простување, не за аменстија нели?! Нема друго објаснување освен тоа дека тогаш изгледа не било погодно време за простување, а сега затоа што планетите се порамнија и дојде на ред гласањето на уставните измени во Собрание се создадоа совршени услови за простување.
И ај што опозицијата не само што не ја прифаќа понудата за простување и не прифаќа ни амнестија иако беа обвинувани дека кочат процеси за истата, туку што правиме со членовите на неговата влада…со Дамјан, со Љупче, со Рада? Тие спремни ли се да простат? Затоа што ако се, кога ќе гостуваат на дебатни емисии нема да можат секој аргумент за нивната неспособност да го спинуваат со крвавиот четврток. Ќе мора да се соочат со нивната неспособност и да дадат точни одговори за сите криминални дејанија на владата без да ги спомнуваат „криминалите“ на ВМРО. Затоа што во тоа е и смислата на простувањето, зарем не?!
За крај уште да прашам веќе кога зборуваме за великодушно простување зошто тогаш сме секојдневно сведоци на отварање на нови и нови истраги против членови на ВМРО, зошто имаме деградирања по институции? Не е дојдено времето да се прости за неизлегувањето на референдумот или?!
Мартина Антиќ