По  неуспешниот референдум околу 15 мои колеги пратеници, меѓу кои и јас, се повикани од страна на СЈО за разни предмети и сметам дека со тоа се покажува дека Обвинителството има своја политичка намена односно сите овие случаи и постапки и распити имаат за цел да принудат дел од пратениците да гласаат против волјата на народот, односно за измена на Уставот на Република Македонија. Ова денеска го изјави пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Антонијо Милошоски, по распитот во СЈО за случајот „Моќник“, нагласувајќи дека без разлика на се’ поважно е да се почитува волјата на народот и истото ќе го направам и јас.

– Предметите не би ги коментирал во подробности, но би кажал дека истите се неосновани и самиот тајминг на покренување на предметите после пропаднатиот референдум навестува дека Според мене, волјата на народот е изразена на референдумот и е поважна од каков било притисок и ќе гласам против промена на Уставот, изјави Милошоски.

Според СЈО, Милошоски денеска кусо се задржал во нивните простории бидејќи побарал прво да го види доказниот материјал, а наводно својот исказ за овој случај ќе го давал следната недела.

Пратеникот Антонио Милошоски е првообвинет во случајот „Моќник“, што СЈО го најави во март годинава против вкупно 13 лица, меѓу кои се и неговиот татко и тогашниот градоначалник на општина Македонски Брод, како и поранешниот прв лустратор Томе Аџиев.

Според сомнежите на СЈО, пратеникот Милошоски го навел градоначалникот на Македонски Брод да го изманипулира Советот на општината и на неговиот татко да му го продаде објектот во селото Ижиште, во кој била сместена општина Пласница. Откако градоначалникот разбрал дека е изманипулиран побарал постапката да биде преиспитана.