Македонскиот национален совет (МНС) во Швајцарија, денеска од 15 до 16.30 часот организира мирен протест на плоштадот Казино во Берн, на кој како што е најавено од организаторот ќе се побара крај на преговорите за промена на идентитетот на македонскиот народ.

– Понижувањата, продавањето и негирањето на македонските национални вредности, од страна на соседите на Македонија, продолжува и во 21 век. Сојузник во велепредавството е марионетската Влада на државата Македонија! Македонците во борбата за своите права и слободи секогаш се бореле со достоинство и во Македонија и во светот. Македонците во Швајцарија со горчина и гнев ги отфрлаат сите договори склучени со соседите, од насилно инсталираната марионетска Влада на Македонија. Бараме крај на преговорите со Бугарија и Грција за ревизија на македонската историја, отфрламе нова политичка историја на Македонците и Македонија! Бараме итно и безусловно раскинување на Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и Спогодбата Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година! Бараме продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации на државата Македонија под нејзиното единствено историско име кое се состои само од еден и единствен збор – зборот Македонија!, се вели во прогласот на Македонскиот национален совет во Швајцарија.

МНС во Швајцарија ги повикува Македонците да се приклучат во отпорот против власта за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонскиот народ!

– Нека чуе светот дека името на нашата држава било, е и ќе остане Македонија! Нека чуе светот дека сме биле, сме и ќе останеме Македонци! Нека чуе светот дека наш јазик бил, е и ќе биде само Македонскиот јазик!, се вели прогласот на МНС во Швајцарија.

МНС во Швајцарија ги повикува Македонците во Швајцарија на мирниот протест на 23 ноември 2020 година на Casinplatz, Bern од 15 од 16.30 часот! Добредојдени сте! Никогаш северна, само Македонија, пишува во повикот за протестот.