Пред Психијатриската клиника во загрепската населба Јанкомир денеска се одржува протест на медицински техничари поради апсењето на четворица нивни колеги, осомничени за тешко убиство на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш.

Пациентот починал на 21 октомври на Одделението за зависности во таа болница. Околу стотина собрани на протестот изјавија дека медицинските техничари само си ја вршеле работата и предупредија на сериозните безбедносни проблеми со кои секојдневно се соочуваат вработените во психијатриските установи.

Еден од организаторите на протестот на почетокот им изрази сочувство на семејството и пријателите на починатиот пациент.

– Се случи огромна трагедија. Тоа апсолутно никој нема да го оспори. Но, многу е жално што мораше да се случи ваква трагедија за јавноста да добие барем мал увид во тоа како е да се работи во психијатрија и со какви ризици секојдневно се соочуваме – рече тој.

Исто така, нагласи дека собраните имаат доверба во полицијата и правосудството и очекуваат институциите да си ја завршат работата, но се противат на јавно осудување на осомничените пред завршувањето на постапката.

– Токму затоа што повикуваме на правда, одбиваме оваа трагедија да се користи за линч, за мобинг и за третирање на нашите колеги и колешки како убијци. Одбиваме да се уништат уште четири животи и кариери на луѓе кои, колку што засега знаеме, едноставно си ја вршеле работата – порача тој.

Учесниците на протестот, меѓу другото, бараат редовна обука за сите вработени, вклучувајќи ги лекарите, медицинските сестри и техничарите, за постапување со исклучително агресивни пациенти. Тие бараат и формирање посебен интервентен тим од пет лица, кој би бил достапен 24 часа дневно и би доаѓал на одделението на повик за спроведување мерки за хумано ограничување на движењето на агресивните пациенти.

Една од медицинските сестри, која речиси осум години работи во болницата, го сподели своето искуство, истакнувајќи дека во сите тие години не ѝ била понудена обука за тоа како да постапува со агресивен пациент.

Четворицата медицински техничари се во истражен притвор поради сомнение дека се одговорни за тешкото убиство на Периш, кој на 21 октомври починал на Одделението за зависности во Психијатриската клиника „Свети Иван“.

Според сомневањата на обвинителството, техничарите постапиле спротивно на правилата на медицинската професија, бидејќи, како што се наведува, со физичка сила му нанеле на пациентот поголем број повреди. Истражниот судија на Жупанискиот суд во Загреб на сите четворица им одреди истражен притвор.

Точната причина за смртта на пациентот сè уште не е позната, а околностите на случајот се утврдуваат со истрагата.