Денеска на пладне се одржа мирен протест на кандидатите за полагање испит за директори во образовните институции и ученичките домови пред Државниот испитен центар (ДИЦ). Тие реагираат на фактот што иако се веќе формирани повеќе групи и кандидатите ги имаат уплатено потребните средства, ДИЦ никако да ги повика да започнат со обуките за да можат да го полагаат испитот. Една од кандидатките, Ксенија Аврамчева, го прочита протестното писмо упатено до Директорката на ДИЦ:

„Изненадени сме од самоволието и непочитување на позитивните законски прописи иако согласно член 5 од Законот ги исполнуваме условите за спроведување на основна обука и согласно член 8, став 1, цитираме: „Реализацијата на обуката според Програмата, за пријавени кандидати започнува по формирањето на група од десет кандидати, пријавени за обука, се вели во писмото упатено до директорката на ДИЦ.

„Нашите сознанија ги потврдува и тоа што на веб страницата на ДИЦ во делот на АРХИВА за периодот од 2019, 2020 и 2021 година никаде немате поставено информација за реализација на обуки за директори на основните и средни училишта. Дополнително на ова ниту пак индивидуално сме добиле повратна информација на поставени прашања во врска со термини за започнување на обуката“, се посочува во писмото.