Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јадранка Поцкова на денешниот протест пред Министерството за здравство, порача дека министерот за здравство не покажал никаква грижа за граѓаните, па по тоа нема веќе ни образ да излегува пред граѓаните, затоа што власта во трката по провизии има грижа само за сопствените џебови.

-Власта постојано има оправдувања и дежурни виновници па се правдаат дека имало голем број заразени и во соседните земји и таму за жал некој ја губел битката со вирусот. Но, едно забораваат во развиените земји процентот на вакцинирани е голем и таму крајот на пандемијата се гледа. Ја потсетуваме денеска власта дека сме на 118 место од 122 држави по број на вакцинирани, на листата сме заедно со Египет, Уганда, Екваторијална Гвинеа и други. Не можаме да кажуваме цифри на заразени веќе затоа што од ден на ден се менуваат со голема бројка, народот веќе не може да го издржи притисокот од црната Ковид статистика, а истата е депримирачка – порача Поцкова.

Пратеничката порача дека најголем виновник за црната статистика е министерот Венко Филипче кој не направи ништо за да се подобри состојбата со заразените и единствено што направи е да ги исполни желбите на власта.

-Нема доволно болнички возила и болниците ни се преполни со болни. Ве прашувам во вакви услови на КОВИД пандемија како имате образ да излегувате пред граѓаните кога афери го тресат Министерството за здравство, да знаете дека провизиите по кои трчавте ќе бидат долго време тема по оваа криза, дали имате барем една светла точка во вашиот мандат? – вели Поцкова.

Таа порача исто така дека оправдувања нема за неспособноста на власта, сите мерки се недоволни и закаснети, а министерот за здравство стана полтрон на партијата во која е заробен.

Поцкова праша што се чекаше до сега за да се намали цената на чинење на здравствените услуги во приватните болници, и иако постои законско решение не постоеше волја кај власта да им го обезбеди истото на граѓаните кои се задолжуваа и сеуште се задолжуваат за да го платат своето лекување.

-Венко Филипче и Зоран Заев не покажаа никаква грижа за граѓаните тие се грижат единствено за сопствените џебови , затоа да им порачаме дека одговорност мора да има, бараме оставка Венко Филипче, бараме оставка Зоран Заев – порача пратеничката Поцкова на денешниот протест пред Министерството за здравство.

Пратеникот од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ГРОМ Љупчо Пренџов на денешниот протест пред Министерството за здравство насловен „Здравје, а не провизија – Оставка на Филипче, за спас од неспособноста која убива“, вели дека граѓаните имаат 145.909 причини да побараат оставка и одговорност од Филипче и Заев додавајќи дека додека граѓаните се оставени сами на себе, Филипче и Заев се возат со скапи мотори.

-Денеска сме овде затоа што имаме 145.909 причини да побараме оставка од овој кој што ни го води здравството во државата. Се наоѓаме овдека бидејќи имаме 4.388 причини да побараме оставка и одговорност и од него и од оној кој што му е шеф. Имаме 20.082 активни причини со кои што го повикуваме да се засрами и тој и неговиот премиер кои што се возат едниот напред, другиот позади на овие БМВ ексклузивни мотори по 30.000 евра, додека народот не знае од што повеќе е погоден, дали од епидемијата или од немаштијата, а тие си тераат забава, рече Пренџов.