Здравствени работници од ГОБ „8 Септември“ денеска излегоа на протест поради доцнење на плата.

Претседателката на независниот синдикат при ГОБ „8 Септември“, Рената Ѓаконовиќ, рече дека денешниот мирен протест е организиран со цел да се изрази незадоволство поради неземена плата што требало да им биде исплатена на 10 февруари, меѓутоа доцни веќе десетина дена.

– Пробиен е законски рок од пет дена. Луѓето немаат пари, кредити неплатени, кој ќе ги плаќа каматите, кој ќе ги плаќа сметките. Едноставно тука имаме луѓе коишто работат за егзистенција со многу мал личен доход, што земаат по 18 илјади денари нето плата и морам да нагласам во тој контекст дека денеска, утринава, добивме известување од управата, со кое што се вели дека овој протест нема да биде официјален, изјави Ѓаконовиќ.

Таа посочи дека нивниот Синдикат има доволно членови и е репрезентативни, додавјќи дека во една институција може да постојат неколку синдикати, а овој постои веќе неколку години.

Ѓаконовиќ нагласи дека луѓето не треба да бидат обесхрабрени и да излезат да си го кажат својот глас и тоа што го мислат, бидејќи, како што рече, тоа што си го бараат е законско право на секого.

– Затоа има голем одлив на медицински персонал. Значи ќе останат многу минимален број, коишто ќе може да работат со овие пациенти, а жално е за Македонија да изгуби квалитетен здравствен персонал, децидна беше таа.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески истакна дека немаат никаква покана за разговори и покрај тоа што имале пратено официјално барање до премиерот Димитар Ковачевски за средба.

– Денеска имаше протест на здравствените работници и во Геријатрија. Се надевам дека Владата ќе ја сфати сериозно работата, за тоа за што се платени. Не може, еве гледате што е – здравството нема лекарства, починуваат пациенти, образование нема учебници – завршува школска година. Ова е веќе несериозно, додаде тој.