Демонстрантите повторно се судрија со полицијата во центарот на Париз поради пензиските реформи на француската влада. Илјадници демонстранти палеа огнови, а некои фрлаа петарди кон полицијата, која употреби солзавец за да ги растера.

Ова беше втора ноќ на немири откако претседателот Емануел Макрон одлучи да ги протурка контроверзните реформи за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години без гласање во Парламентот.

Како одговор на тоа, против неговата влада се поднесени барања за гласање недоверба. Првото беше потпишано од независни и членови на левичарската коалиција Нупес во парламентот, додека вториот дојде од екстремно десничарската партија Национален собир. На почетокот на следната недела се очекува да се дебатира за двете.

Марин Ле Пен, лидерка на пратениците од Националниот собир во парламентот, ја нарече одлуката да се протуркаат пензиските промени „тотален неуспех за владата“.

Полицијата изврши десетици апсења за време на немирите на плоштадот Конкорд, недалеку од зградата на парламентот. Протести вчера се одржаа и во други градови, особено Бордо, Тулон и Стразбур.

„Нема да се откажеме“, изјави еден од демонстрантите за новинската агенција АФП. „Сè уште постои надеж дека реформата може да се отповика“. Друг за Ројтерс изјави дека донесувњето на законот без гласање е „негирање на демократијата… целосно негирање на она што се случува на улиците неколку недели“.

Владата рече дека промените во пензискиот систем се од суштинско значење за да се осигура дека не е преоптоварен и да се спречи неговиот колапс. Но, многу луѓе, како и членовите на синдикатот, не се согласуваат и во Францијаи повеќе од два месеца има жестока политичка дебата и штрајкови за ова прашање. Транспортот, јавните служби и училиштата се најпогодени, додека на улиците на главниот град останаа илјадници тони ѓубре. Испораките на гориво се исто така блокирани, а во наредните денови се планира да се запре производството во голема рафинерија во Нормандија.