Граѓани и вечерва се собраа пред Собранието на Република Македонија во Скопје за да изразат несогласување со потпишаниот договор за менување на уставното име на државата. Вечерашниот протест помина во мирна атмосфера и без инциденти.
Протестот почна во 20 часот со блокада на булеварот „11 Октомври“, а истовремено припадниците на полицијата се распоредија пред зградата на Парламентот.
Учесниците на протестот извикуваа оставка, го скандираа името на претседателот Иванов, а се слушаа и скандирања „Името не го даваме, Македонија на Македонците“.
На импровизирана бина граѓаните ги искажуваа своите ставови во врска со потпишаниот договор за името со Грција. Дел од нив реагираа на интервенцијата на полицијата од пред два дена и велат дека се тука на мирен начин да го искажат својот револт од договорот. Тие посочија дека нема да се откажат и најавуваат дека протестите ќе ги продолжат секој ден од 20 часот пред законодавниот дом се додека не се повлече договорот.