13 месечно дете од Свети Николе заразено со морбили. Случајот утринава и лабораториски е потврден во ИЈЗ, а го потврдија и од Комисијата за заразни болести. Детето минатата недела со симптоми било хоспитализирано во Клиничката болница Штип и е во добра состојба.

-На почетокот се работело за класична симптоматологија со покачена температура, а еден ден потоа и со осип по телото, според информациите состојбата на детето последните денови е подобрена, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.

Според информациите од Комисијата за заразни болести детето, ниту родителите не патувале надвор од државата, а епидемиолози од Центарот за јавно здравје ги бараат контактите и од каде го добило вирусот.

13 месечното дете не било вакцинирано, а неговото постаро братче кое одело на училиште ги примило и двете дози.

Утре ќе заседава и Комисијата за заразни болести за евентуални мерки како да се спречи ширење на вирусот кој е многу заразен.