Првата група приврзаници на американскиот претседател Доналд Трамп уапсени за време на насилните протести пред Капитол Хил денеска ќе се појават пред судот во Вашингтон за да се соочат со обвиненијата.

Началникот на полицијата Роберт Конте на прес-конференција рече дека 47 од 52 апсења се поврзани со нарушување на полицискиот час воведен поради протестите од градоначалничката на Вашингтон, Муриел Баузер и дека 26 лица се уапсени пред Капитол Хил, каде требаше да се одржи седницата на Конгресот за потврда на резултатите од претседателските избори.

Неколку лица се уапсени под обвинение за поседување забрането оружје или носење оружје без дозвола.

Во немирите во Вашингтон вчера беа убиени четири лица, меѓу кои и една жена која беше застрелана од полицаец.