Неколку луѓе загинаа во пукање што се случи утрово во кампусот на универзитет во рускиот град Перм. Сторителот е приведен и најверојатно претходно бил застрелан од полицијата и оневозможен да продолжи да тероризира, јавува РТ.

Преплашени луѓе се снимени како бегаат и скокаат од универзитетската зграда низ прозорците. Инцидентот се случил на Државниот универзитет Перм, еден од најстарите универзитети во уралскиот регион на Русија.

Социјалните медиуми на универзитетот утрово издале предупредување и препорака за напуштање на кампусот за сите што биле внатре. Или, доколку не можат да избегаат, да се затворат и заклучат во некоја соба.

Властите во Перм соопштија дека има повеќе од 10 жртви во инцидентот. Засега не се знае точната бројка на загинати, но од полицијата изјавија дека пукањето се истражува како повеќекратно убиство.

Според снимките на социјалните медиуми се гледа дека напаѓачот е вооружен со огнено оружје и носи заштитен шлем и панцир.

Извори тврдат дека убиецот е 18 годишен младинец кој претходно оставил порака на социјалните медиуми опишувајќи го настанот што се случил.

Момчето кое пукало во Пермскиот универзитет во Сибир е идентификуван како Тимур Бекмансуров.

Руските медиуми пренесуваат дека станува збор за 18-годишно момче, кое нападот го најавило на социјалните мрежи. Тимур на своите пријатели им пратил порака во која наведува дека долго се подготвувал за овој настан. Експертите соопштиле дека момчето имало психички проблеми и патело од длабока депресија.

-Откако знам за себе, секогаш многу размислувам за смртта. Не знам колку луѓе можам да убијам, но ќе се потрудам што повеќе да понесам со себе, рекол Тимур, кој во пукањето во универзитетот ранил барем 10 луѓе, додека бројот на настрадани се уште е непознат.

Снимките кои ги преплавиле социјалните мрежи го прикажале напаѓачот кој со пушка се доближува до кампусот на универзитетот, а потоа отвора оган. Студентите во паника скокале низ прозорците, а некои останале заклучени во сушалните на зградата.

Универзитетот издал соопштение во кое се наведува дека нападот е во тек и ги предупредил сите да бидат внимателни.

Некои медиуми пренеле информација дека напаѓачот е неутрализиран, додека други тврди дека е уапсен во голема акција на полицијата.