Пукотници од огнено оружје се слушаат во Зубин Поток и неговата околина, по акцијата на специјалните единици на косовската полиција, Росу, во општините со мнозинско српско население во северно Косово, во која се уапсени повеќе лица од српска националност, меѓу кои и припадници на полицијата на Косово.

Како што јави МИА од Приштина, меѓу уапсените во Зубин Поток е и тамошниот командир на полициската станица, по што околу 100 жители Срби излегоа на протест и со возила и камиони го блокираа магистралнот пат во правец на Митровица.

Меѓутоа, според последните информации од местото на настанот, косовските специјалци успеале да ја пробијат блокадата и го продолжиле патот кон јужниот дел на Митровица.

Косовската полиција соопшти дека утрово во четири општини со мнозинско српско население во северно Косово спроведува акција за откривање на учесници во организиран криминал.

Станува збор за осомничени за кривични дела „шверц на стоки“, „злоупотреба на службена положба“, „давање поткуп„недозволена трговија и други. и

А во Белград се одржува седница на Советот за национална безбедност, која српскиот претседател Александар Вучиќ ја свика по акцијата на косовските специјални сили на север во Косово и апсењето Срби.

Претседателот Вучиќ ја предупреди Европската унија дека Србија ќе реагира ако косовските специјалци не се повлечат од северот на Косово, јави Танјуг.

Двајца Срби се полесно повредени во престрелката што се случи околу 6.20 утрово во Зубин Поток, кога припадниците на Росу дошле во реон на селото Доње Вараге во таа општина, јави Танјуг повикувајќи се на полициски извори. Агенцијата јави дека се уште се слушаат истрели од огнено оружје. Во акцијата на косовските специјалци е уапсено едно лице.

Околу 6.20 почанала размена на оган помеѓу непознати лица и специјалните единици на косовската полиција во тој реон.