Русија нема никакви материјали што би го компромитирале американскиот претседател Доналд Трамп, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за телевизијата „Фокс њуз“.
– Немаме никакви компромитирачки материјали и не можеме да имаме. Се плашам да не го навредам господинот претседател Трамп и да излезам нељубезен, но пред да објави дека ќе биде кандидат за претседател, тој не претставуваше никаков интерес за нас, рече рускиот претседател во интервјуто кое го даде во Хелсинки.
Според него, напорите на западните земји да ја изолираат Русија, пропаднале.
– Гледате дека тие напори не беа успешни. И не можеа да бидат успешни, со оглед на големината и значењето на Русија во светот, вклучително и во глобалната безбедност. А и во економијата, имајќи ја предвид енергетската компонента на светската економија како минимум, изјави Путин.
Тој рече дека Русија ќе биде крајно негативна кон понатамошно проширување на НАТО со Грузија и Украина.
– За нас тоа е директна закана за нашата безбедност. Придвижувањето на инфраструктурата на НАТО кон нашите граници ќе претставува закана за нас и ние ќе се однесуваме кон тоа крајно негативно. Но денеска со претседателот Трамп не зборувавме за тоа, нагласи рускиот претседател.
Тој исто така додаде дека Трамп го смета Крим за дел од Украина.
– Информирани сме за ставот на претседателот Трамп, дека Крим е дел од Украина. Тој ми го кажа тоа денеска, изјави Путин и додаде дека според Москва, Крим не е анектиран и оти населението гласало за присоединување кон Русија.
– Ако тоа е анексија, тогаш што е демократија, праша рускиот претседател.
Според него, односите меѓу Русија и САД не треба да станат заложници на американската истрага за вмешаноста на Русија во претседателската кампања во САД во 2016 година.
– За мене е доволно јасно дека станува збор за внатрешнополитичка борба во Соединетите Држави, рече Путин во врска со истрагата на специалниот обвинител Роберт Малер кој обвини 12 агенти на руското разузнавање пред вчерашната средба меѓу Путин и Трамп.
– Не е во ред односите меѓу Русија и САД да бидат заложници на внатрешнополитички борби, додаде рускиот претседател.
Тој ги нарече неосновани обвинувањата за труење на уште две лица со нервниот агенс Новичок во Велика Британија по труењето на поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка.
Путин исто така му кажал на Трамп, дека Русија е подготвена да го продолжи Договорот за намалување на стратешките оружја СТАРТ откако ќе истече во март 2021 година.
– Го уверив претседателот Трамп, дека Русија е подготвена да го продолжи тој договор, но прво треба да се договориме за конкретни работи, затоа што имаме прашања кон нашите американски партнери. Ние сметаме дека тие не го исполнуваат договорот во целост, но тоа треба да го решат експерти, рече тој.
Путин ги отфрли обвинувањата дека се променил откако првпат беше избран за претседател на Русија во 2000 година, кога бил фален како реформатор и демократ.
– Во ништо не сум се променил, јас сум таков, каков што сум, каков што сум бил. Бев избран за претседател на Руската федерација како возрасен маж. На таа возраст односот кон животот не се менува, но треба да се реагира на она што се случува околу нас, изјави Путин во интервјуто