По вооружениот конфликт во Бањска н Косово меѓу српските вооружени лица и косовската полиција, за време на самитот на Европската политичка заедница во Гренада со изјави за Србија се јавија унгарскиот премиер Викор Орбан и од Русија претседателот Владимир Путин, јави дописникот на МИА од Белград.

Путин вчера на „Валдаскиот форум“, изјави дека е „можно да се уништи српскиот народ, но е невозможно да се скрши“.

Многу пати сум слушнал: Мораме да им вршиме притисок, тоа е слабата алка. Тоа е филозофијата. Зошто токму Србите да треба да бидат скршени? Да бидам искрен, не знам. Згора на тоа, во отворени разговори со одредени лидери додека сè уште бевме во нормални односи, ми рекоа: Мораме да го зголемиме притисокот. Прашав зошто и немаше одговор. Само така, воспоставена е таква филозофија, парадигма, треба да одлучиме вака – да додадеме притисок, рече Путин говорејќи за политиката на Западот кон Србија.

– Но, Србите не се таков народ, не е таква историјата, тоа е друга култура. Можеби ќе кажам една тешка работа: можно е да се уништат, но невозможно е да се скршат и покорат. Западот не го разбира ова. Но, се надевам дека порано или подоцна ќе има разбирање за оваа компонента и во европската и во глобалната политика воопшто – ќе има разбирање дека сепак е поконструктивно да се преговара наместо да се обидува да се изврши притисок врз нив, истакна Путин.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денес дека е невозможно да се воведат санкции кон Србија и дека барањето на Приштина е „смешно“.

Тој на новинарите пред неформалниот состанок на Советот на Европската унија во Гранада изјави дека Србите веќе две години трпат провокации и дека Косово не смее да ја провоцира Србија.

– Без Србија нема стабилност на Балканот. Се залагам да ѝ се помогне на Србија да го стабилизира регионот, рече Орбан.