Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, во Ниш се сретна со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, при што имаше работен појадок пред да се упати кон Трупале кај Ниш, каде беше пуштена во работа гасната интерконекција Србија-Бугарија, јави дописникот на МИА од Белград.
За време на обиколката на гасната станица во Трупале, Вучиќ рече дека Србија и Бугарија можат дополнително да ги подобрат односите, дека односите меѓу двете земји можат да бидат уште подобри и дека сите преостанати проблеми ќе бидат решени.
-Разговаравме за тоа денеска и ќе се погрижиме да ги решиме помалите проблеми што постојат, околу книгите и учебниците и други работи, така што тоа ќе го решиме, како и сите други работи. Кога луѓето сакаат да разговараат, се ќе решат, изјави Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за разговорите со Радев
Претседателот на Бугарија Румен Радев рече дека и тие од своја страна работат на подобрување на односите со Србија.
-Овој проект е од суштинско значење за безбедноста и стабилноста на нашиот регион и развојот на нашите економии, посочи Радев.
Вучиќ претходно укажа на важноста од диверзификација во снабдувањето со гас.
-Суштината е во диверзификација, како што рече претседателот Радев. Тоа ќе донесе повеќе алтернативи во снабдувањето на двете земји и Србија и Бугарија. Ова е исклучително важно за нас и ќе донесе поголема безбедност на важни места во Србија, Димитровград, Бела Паланка и Пирот, што ќе донесе подобра иднина. Сега можеме да купуваме гас на отворениот пазар од шест или седум различни ЛНГ терминали, вклучувајќи го и Александрополис, рече Вучиќ.
Тој додаде дека на Србија во иднина ќе и биде многу полесно и дека ќе биде подобро обезбедена во однос на енергетската безбедност.