МАКЕДОНЦИТЕ ИМААТ НАЦИОНАЛНА СВЕСТ И СЕ БОРАТ ЗА НАЦИОНАЛНА СЛОБОДА – 1923 г.

Кралство Југославија, 1923 година – Активист на работничкото движење во Велес, под псевдонимот „З”, објавил писмо во коешто ја опишува српската окупаторска власт (нарекувајќи ја „буржоазија“), т.е. ѕверствата и мачењето над македонскиот народ во Вардарскиот дел на Македонија. Се истакнува и дека Македонците имаат своја македонска национална свест и оти се борат за национална слобода во некоја идна република. Во написот читаме:

– „Македонскиот народ е потиснат од една страна од насилството на српската буржоазија, која сака да изврши асимилација врз него, вршејќи варварско насилство во којшто учествуваат сите од најголемиот до најмалиот…
Овој народ 30 години водел револуционерна борба за ослободување од турското ропство, и тој во 1912. со воодушевување го дочекал ослободувањето. Но, од првите денови се разочарал и во 1913 година почнала борбата меѓу бугарската, српската и грчката буржоазија за поделбата на Македонија и Македонците сфатиле дека не се работи за нивно ослободување, туку освојување заради експлоатација, којашто веднаш почнала.“

Писмото се осврнува и на поделбата на Македонија и на грчката и бугарската окупаторска власт, соодветно во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија. Авторот, исто така, нагласува дека српските окупатори ја користат дејноста на Тодор Александров и ВМРО – автономистичката заради убиства, апсење и затворање Македонци.

Натаму се вели:

– „До 1915 г. овој народ разбра дека и бугарската буржоазија е иста како и грчката и српската… Македонскиот работен народ се бори за национална слобода, отфрлајќи ја секоја друга борба, но југословенската буржоазија ги уништи сите можности… Идејата за автономија е стара кај овој народ.“

Во овој дел, навидум се вели дека македонската национална свест е нешто „родено скоро“, во борбата за слобода… Сепак, 1000-ци други извори докажуваат дека и во 19. век, Македонците јасно ја искажуваат својата македонска национална свест.

Заклучокот гласи:

– „Од сите овие перипетии, македонскиот народ може да се увери дека единствениот пат за неговото ослободување е непомирлива класна борба за создавање социјалистички федерални балкански републики, зашто само така народите ќе можаат да се ослободат од угнетувањата и експлоатацијата.”
ИЗВОР: „Радник делавец”, 1 јули 1923 г., бр. 57, стр. 3. ——/

created by InCollage