Албанскиот премиер Еди Рама реагираше на најавата на српските власти дека се разгледува промена на текот на реката Ибар, порачувајќи дека реката ќе продолжи да тече според географијата, а не според фолклорот и потсетувајќи дека токму за вакви ситуации постои меѓународното право за водите.

Реакцијата на Рама следи откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред два дена изјави дека државата ја разгледува можноста за пренасочување на текот на Ибар на своја територија поради односот на приштинските власти кон српскиот народ во Косово.

Вучиќ истакна дека веќе повикал градежни инженери и стручњаци „да видат што ќе прават Албанците и како ќе се однесуваат“. Оваа изјава предизвика серија реакции, а по првичната критичка порака од албанскиот министер за надворешни работи Ферит Хоџа, шефот на српската дипломатија Марко Ѓуриќ го обвини Хоџа за пристрасност и за промовирање на концептот за „Голема Албанија“.

Преку обемна објава на платформата Икс, Рама ги отфрли обвинувањата на Ѓуриќ, истакнувајќи дека Албанија нема територијални претензии кон Србија и дека не ѝ е потребен таков проект за да го поддржува Косово.

„Србија го загуби Косово. Повторувањето дека не го загубила можеби може да ја претвори загубата во победа во географијата на политичката имагинација, но мапите се многу помалку толерантни. Територијата на Република Косово не е територија на Србија, а природните ресурси на нејзината територија не се ресурси на Србија. Косово е посебна, суверена држава и Албанците таму имаат право сами да ја определуваат својата иднина. Нам не ни треба ‘Голема Албанија’ за да стоиме зад тоа право“ – напиша Рама.

Тој критикуваше што Белград ја предупредува Албанија за „етнички експанзионизам“, додека истовремено кон територијата на друга суверена држава се однесува како таа да е дел од Србија. Сепак, албанскиот премиер потенцираше дека правата, безбедноста, имотот, јазикот и културно-верското наследство на српската заедница на Косово мора да бидат во целост заштитени.

Рама подвлече дека Тирана ја почитува Србија, се стреми кон добрососедски односи и сака целиот регион да биде дел од Европа. – Но добрососедските односи не подразбираат барање од секој сосед засекогаш да живее во српската верзија на историјата. Балканот веќе плати превисока цена, со крв и изгубено време, за таквото прилагодување – заклучи Рама, повторувајќи дека поддршката за Косово ќе продолжи бидејќи стабилно и демократско Косово е неопходен услов за регионот.

фото: архива