Иранскиот ајатолах Јусеф Табатабија Нејад синоќа им порача на САД дека „нивната флота вредна една милијарда долари би можела да биде уништена со една ракета“.

Неговото предупредување е во моментот кога американскиот носач на авиони Абрахам Линколн
се приближува кон Персиски Залив.

Американските авиони бомбардери Б-52 што Белата куќа ги упати кон Персиски Залив поради неодредена закана од Иран, пристигнаа во американската воена база Ел Удеид
во Катар.

Заменик шефот на Револуционерната гарда Јадолах Џавани вчера изјави дека Техеран нема да разговара со својот најголем непријател – САД и оцени дека Вашингтон „нема да се осуди да покрене воена акција“ против Иран.

– Никакви разговори нема да се водат со Американците, а Американците нема да се осудат да преземат воена акција против нас, посочи Џавани.

Агенција за поморство на САД (МАРАД) соопшти дека американските комерцијални бродови, меѓу кои и танкерите со нафта, кои пловат низ клучните блискоисточни морски рути бои можеле да бидат мета на Иран.

Иран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од Договорот. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.