Разрешена судијката во Врховниот суд, Лидија Неделкова

/ 16.02.2021

Судскиот совет на Република Македонија на денешната седница донесе едногласна одлука да ја разреши од функцијата врховната судијка Лидија Неделкова. 

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев по завршувањето на седницата изјави дека Неделкова е разрешена и суспендирана, односно времено оддалечена од извршувањето на судиската функција до правосилноста на одлуката.  

-Констатиравме дека она што е утврдено во Извештајот на Комисијата составена од тројца членови на Судски совет е основано. Основано е дека тоа се факти кои се утврдени врз основа на изведени докази, и тоа на секој доказ поединечно, на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка, изјави Здравев. 

Тој, информира дека против оваа одлука судијката Неделкова има право на жалба до Советот при Врховниот суд на Република Македонија.  

Одговарајќи на новинарско прашање зошто е разрешена судијката Лидија Неделкова, Здравев рече дека причините се „ненавремено, немарно, несовесно извршување на нејзините работни обврски, повреда на Судскиот деловник односно Кодекс за судиска етика“. 

Неделкова беше еден од тројцата кандидати за претседател на Врховен суд. Судскиот совет во петокот ја избра Беса Адеми за претседателка на Врховниот суд.

(МИА)


Од истата категорија