Српскиот министер за одбрана Александар Вулин ја поздрави денеска изјавата на советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон дека САД се подготвени да го поддржат договорот за „територијални корекции“ меѓу Србија и Косово, доколку истиот биде постигнат.
Тој изјави дека САД со ова порачуваат оти договор без надворешно мешање е единственото одржливо решение.
– Секое наметнато решение порано или подоцна ќе предизвика судири, војни и поделби. Доколку ние се договориме, а меѓународната заедница го прифати тоа, тоа би било одржливо решение кое води кон стабилност на Балканот, истакна српскиот министер.
Вулин нагласи и дека ја поддржува идејата за разграничување, „бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи создавање на Голема Албанија“, одбивајќи притоа да објасни што подразбира под поимот разграничување, несакајќи со тоа да открие за што ќе разговараат преговорачите вклучени во Бриселскиот дијалог.
Изјавата на Болтон ја коментираше и високиот функционер на владејачаката СНС Горан Весиќ, кој за ТВ Пинк изјави дека големите сили првпат ги поддржале интересите на Србија во пронаоѓање трајно решение за Косово, со што таа станала рамноправна во дијалогот со Приштина, додавајќи и дека „САД се клучни за решавањето на косовскиот проблем, а промената во американската политика ги отвара можностите за договор“.
Претседателката на Центарот за евроатлантски студии Јелена Милиќ изјави дека и за ЕУ и за САД е подобро да разговараат за мали корекции на административната линија меѓу Србија и Косово, што и на двете страни ќе им помогне на своите гласачи да им порачаат: „Не загубивме сè во преговорите“, а и двете страни ќе излезат како победници.
ТВН1 во анализата на изјавата на Болтон, го цитира поранешниот висок преставник на ЕУ за Косово Волфанг Петрич кој изјави дека сега е вистинскиот момент за носење на конечно решение за Косово и дека е потребно предлогот за ова решение да дојде од регионот, т.е од Белград и Приштина.
– Мислам дека е потребна мала корекција на границите, на сличен начин како што се решаваше проблемот меѓу Косово и Црна Гора. Значи, ова е една нова динамика и мораме да седнеме и да го разгледаме потенцијалното решение. Чувствувам дека сега е моментот да се дојде до решение и ова е историска можност. Иако решението не е идеално, треба добро да го разгледаме и да видиме како тоа ќе изгледа во пракса. Значи, тоа е решението за конфликтот кој трае предолго и се сомневам дека решението до кое ќе се дојде за пет години ќе биде подобро. Сега е вистинско време за тоа и во Србија и во Косово , истакна Петрич.
Аналитичарите во Србија проценуваат дека пораката на Болтон може да се толкува како желба на Доналд Трамп за постигнување на уште еден успех во надворешната политика, што, како што оценуваат, секако дека тоа може да биде решението за косовскиот проблем.
Џон Болтон вчера во Киев истакна дека „САД не можат да се мешаат во спорот меѓу Косово и Србија“, повторувајќи оти ако Белград и Приштина постигнат договор, со кој двете страни ќе бидат задоволни, тогаш ќе ја имаат и поддршка од Вашингтон.
Болтон укажа и дека е од големо значење воспоставувањето на стабилност на Балканот.
– Од распаѓањето на Југославија постојат повеќе долготрајни тензии и ризици. Но, неодамна е остварен и напредок, посочи Болтон, наведувајќи го договорот меѓу Скопје и Атина за името на Македонија.