Концептот на прослава на Нова година со македонски изведувачи се покажа како успешен. Овој концепт ќе биде дел од следните новогодишни прослави, со целодневна програма и со значително помалку средства одoшто досега биле користени од градскиот буџет за оваа намена, соопшти град Скопје, како реакција на нападите и конструкциите што ги пласира СДСМ во јавноста.

„Како компарација ќе наведеме дека само за 2020 година биле планирани околу 140.000 евра за настап на две групи, една од Косово и една од земјава. Претходната 2019 година, со Дино Мерлин се потрошени над 154.000 евра, средства од градскиот буџет, под сомнителни околности, за што веќе Комисијата за справување со корупција има отворено случај за злоупотреби.

Оваа година токму поради потрошениот буџет од претходното раководство и поради лошото планирање, Град Скопје беше ставен пред голем предизвик дали воопшто ќе може да се организира прослава за новогодишната ноќ. Прославата беше овозможена поради активирањето на неколку општествено одговорни компании, што се понудија да ја организираат манифестацијата. Средствата за дочекот се директно платени на изведувачите и Градот Скопје нема никакви финансиски импликации од новогодишната прослава на градскиот плоштад.

Изведувачите, озвучувањето и осветлувањето не се ангажирани од Град Скопје.

Ги повикуваме советниците на СДСМ од Град Скопје да престанат со континуираните секојдневни напади и политички пресметки и наместо да се занимаваат со конструкции и шпекулации, за настани кои немаат никакви финансиски импликации на работата на градот да ја насочат својата енергија кон конструктивни идеи за проекти што ќе значат подобар живот на скопјани“, се вели во реакцијата на Град Скопје.

Претходно, советникот од СДСМ Попов на прес конференција го постави прашањето за тоа колку пари Град Скопје му платил на Петар Георгиевски – Камиказа чија фирма била ангажирана да го постави озвучувањето за прославата.

На тоа Камиказа одговори преку ФБ велејќи дека наплатил 14 000 евра или десетина пати помалку од 140-те ијади евра кои лани ги платил Шилегов, а за што Антикорупциска му поднела пријава.