Илјадници луѓе во Барселона и низ цела Каталонија излегоа на улиците по пресудите на Врховниот суд за каталонските сепаратисти од 9 до 12 години затвор.

Врховниот суд на Шпанија издаде европски налог за апсење на поранешниот каталонски лидер Карлес Пуџдемон кој поради егзилот во Белгија не е опфатен со пресудите.

Шефот на каталонската дипломатија Алфред Бош денеска изјави дека затворските казни за каталонските лидери не го решаваат проблемот туку само го влошуваат и апелираше за меѓународен дијалог и дипломатско решавање на проблемот помеѓу покраината и Шпанија.

– Затворските казни наметнати за каталонските лидери претставуваат историска грешка, која наместо да го решава проблемот, само го влошува проблемот, посочи Бош.

Тој оцени дека меѓународната заедница мора да заземе активна улога во решавање на проблемите помеѓу Каталонија и Шпанија и оти „никој не смее да молчи пред оваа кршење на основните човекови права“.

– Владата на Каталонија отсекогаш е на став дека овој судир не може да се реши со понатамошен судир и апелира на меѓународен дијалог и демократско решение, истакна Бош.

Тој додаде дека одредени поединци се судени само поради нивните политички идеи.

Шпанскиот технички премиер Педро Санчез, пак, изјави дека затворските казни изречени за каталонските сепаратисти мора да бидат извршени.

Тој во телевизиското обраќање до нацијата истакна дека „придржувањето до казните значи нејзино обврзно почитување“.

Санчез предупреди дека неговата привремена Влада го следи развојот на ситуацијата во Каталонија, за да реагира „цврсто и пропорционално“ на секое кршење на јавниот ред.

Шпанскиот Врховен суд денеска осуди девет поранешни каталонски политичари и активисти за човекови права на казни од девет до 13 години затвор поради нивната улога во неуспешното прогласување на независноста на Каталонија во 2017 година.

Тројца други обвинети се прогласени за виновни само за непослушност и не добија затворски казни.
Поранешниот претседател на каталонската Влада, Ориол Хонкурес е осуден на 13 години затвор заради бунт и злоупотреба на јавните фондови.