Атина остро реагира на јавното објавување на мапа од страна на највисоките функционери на партија која е партнер во турската владејачка коалиција на која грчката територија е прикажана како турска.

Тоа е особено агресивна и провокативна акција, која е целосно за осуда, коментираа денеска дипломатски извори, јавува АНА-МПА.

За жал, според нив, тоа е „дел од ескалацијата на екстремната турска реторика на која сме сведоци на дневна основа“.

Грција очекува итна и јавна осуда на оваа неприфатлива акција, која го доведува во прашање територијалниот интегритет на Грција, подвлекуваат истите извори.

Реакцијата е одговор на фотографиите од посетата на Девлет Бахчели од Партијата за националистичко движење (МХП), коалициониот партнер на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на седиштето на ултранационалистичката организација „Сиви волци“.

Тој беше фотографиран покрај мапа на која се прикажани половина од Егејското Море и Крит под турска контрола.