Глас на Македонија со остра реакција во врска со вчерашната забрана од власта на движењето #Бојкотирам да одржи протест, и покрај тоа што тој бил уредно пријавен.

-Во стилот на црна диктатура, во саботата на 15 декември, беше забранет уредно пријавен протест на движењето #Бојкотирам уставни промени, чија активна членка е партијата ГЛАС за Македонија. Со тоа е згазено нашето уставно гарантирано право на мирен протест. Изразуваме гнев кон црните орди кои решиле по секоја цена да го спречат народот да го изрази своето незадоволство од насилното менување на Уставот, промената на името на државата и од корумпираниот процес кој е во тек, се вели во реакцијата на партијата.

Оттаму порачуваат дека нема да дозволат да бидат замолчени во овие критични моменти.

-За овој против уставен акт кон граѓаните, ќе бидат поднесени кривични пријави, ќе поднесеме жалба до Уставиот суд, ќе бидат информирани сите амбасади и ОБСЕ. Ако треба ќе се жалиме и до судот во Стразбур. Паралелно со правната битка, најавуваме дека протести и инсталации на нужна опрема ќе има на многу места и ништо нема да може да ги спречи. Најмалку, имбецилните оправдувања дека од Кампусот Македонија инсталиран пред зградата на Владата, истата ќе сме ја гранатирале. Прашуваме, дали од страв од народот се уште не е тргната оградата пред Владата?, прашуваат од Глас на Македонија.

Тие потсетуваат дека „шарените“ со месеци протестираа во инсталиран камп пред истата таа зграда, блокирајќи ги двете насоки на булеварот.

-Ако тоа беше „режим“, како може да се нарече оваа странска инсталација која од народот бега како ѓавол од крст?, велат од паријата.

Глас на Македонија порачува дека протести допрва ќе има, со дозвола или без неа.

-Впрочем нека го прочитаат Законот за протести каде пријавувањето на протести е ставен со “може“ да биде пријавен, но не мора. Полицијата нека се позанимава со секојдневните пукотници и мафијашки пресметки, а не со мирниот народ кој си ја бара правдата. Оградата чекаме да биде тргната, велат од партијата.