Британската влада соопшти дека ќе соработува со Албанија за брзо процесирање на документите и враќање на големиот број Албанци кои со бродови го преминале Ла Манш.
Бројот на луѓе кои пристигнаа во Британија со брод достигна еднодневен рекорд во понеделникот. Речиси 40 отсто од оние што пристигнале на овој начин во период од шест недели меѓу јуни и јули биле од Албанија, пренесоа албански медиуми.
Новите официјални податоци треба да бидат објавени денеска.
Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател нагласува дека репатријацијата на Албанците ќе започне од следната недела.
– Благодарение на одличното ниво на соработка што го имаме со Албанија, ќе ја искористиме секоја можност да ја забрзаме депортацијата на Албанците кои немаат право да останат во Велика Британија, рече Пател.