– Како одела линијата на движење на Гоце од Солун кон селото Баница. Реконструкција на неговите последни денови, со кого се сретнал, што зборувал, каде отседнал во Баница, но и кој го предал, и зошто тој бил ликвидиран пред најавеното општо народно востание во Македонија? Како предавниците дознале дека тој од 27 до 29 април 1903 година во Солун (стар календар), значи два-три дена бил затворен во соба со Даме Груев , кој се обидувал да го убеди да го прифати донесеното решение за кревање на востанието? Дека имало добро организирано предавство потврдува и шифрираната телеграма од турската управа на Серскиот санџак, испратена на 4 мај 1903 година до Назим -бег, во која известува дека ‘врз основа на тајно спроведена истрага и примените известувања од разузнавачи (шпиони) добиени се информации за движењето на Гоце Делчев кон Банско

Блаже МИНЕВСКИ
Дарко ЈАНЕВСКИ

– Како одела линијата на движење на Гоце од Солун кон селото Баница. Реконструкција на неговите последни денови, со кого се сретнал, што зборувал, каде отседнал во Баница, но и кој го предал, и зошто тој бил ликвидиран пред најавеното општо народно востание во Македонија? Како се одвивала битката во Баница од час во час, во колку часот почнала, како се движел Делчев, зошто не сакал војводите да го штитат и да се спаси? Како предавниците дознале дека тој од 27 до 29 април 1903 година во Солун, значи два-три дена бил затворен во соба со Даме Груев, кој се обидувал да го убеди да го прифати донесеното решение за кревање на востанието? Дека имало добро организирано предавство потврдува и шифрираната телеграма од турската управа на Серскиот санџак, испратена на 4 мај 1903 година до Назим-бег. Со неа известува дека ‘врз основа на тајно спроведена истрага и примените известувања од разузнавачи (шпиони), дознавме дека во серските села Раховица, Баница, Фраштан М’клен и во нивната околина, обиколува една бунтовничка чета. Откако од извршената претрага се дозна дека во гореспоменатото село Баница се кријат дваесет души, оваа ноќ пред зори ова село е блокирано. Од исказот на едно лице од жандармеријата, дојдено од споменатото село, судирот започнал во 11 часот…’

Од документот шо се чува во турскиот архив во Истанбул се гледа дека Гоце бил предаден од шпиони, а турската војска имала прецизни податоци за неговото движење. И без овој документ, сите досегашни сознанија на историчарите водат кон тоа дека предавството е извршено во Солун, каде што Делчев неколку дена разговарал со Даме Груев и Иван Гарванов, објаснувајќи ги своите аргументи против општонародно востание во Македонија. По таа средба, разочаран од цврстиот став на Даме Груев дека востание мора да има, Гоце Делев тргнува кон Сер а потоа од Сер кон Баница.. .

ДАЛИ АНДРЕЈ ХРЛЕВ ИМАЛ ИНСТРУКЦИИ ЗА ПРЕДАВСТВО ОД СОЛУН?

Бугарскиот историчар д-р Димитар Тулеков, кој долго време ги истражувал сите околности околу убиството на Делчев, пред неколку години објави ексклузивни материјали за можните предавници на Гоце, меѓу кои го споменува и името на Андреј Хрлев, учител и раководител на Организацијата во серското село Броди. Дали Хрлев е човекот за кој Даме Груев вели дека предавството го ‘извршил касиерот во Броди’, или пак тој е некоја друга личност. Факт е дека Андреј Хрлев пролетта во 1903-та година, значи во времето кога е ликвидиран Делчев, ве}е бил разочаран од македонското ослободително движење, но симптоматично е тоа зошто, доколку навистина тој е предавникот, бил поштеден од одмаздата на Организацијата, која наместо него убила десеттина селани од Баница и Броди како директни виновници за смртта на Делчев. Триесеттина години подоцна истиот Хрлев, за кој уште во тоа време по весниците се пишувало дека го предал Делчев, напишал текст во кој тврди дека предавството е извршено од двајца врховисти во врвот на Организацијата во Солун. Од друга страна, во една шифрирана телеграма поврзана со убиството на Делчев испратена од Окружната управа на Серез до Големиот везир во Стамбол, стои дека даскалот од Броди, Андреја Ѓорѓи Хрлев, на 16 мај 1903 година, значи 12 дена по убиството на Гоце, примил ‘бомби донесени од Неврокопско и ги внесол во црквата’.

Како и да е, по предавството турската војска го опколува селото со два одреда војска, еден одред жандармерија, а на помош доаѓаат и околу двеста коњаници од специјалната единица што се користела само за значајни акции. Оттука може да се претпостави дека тие знаеле кој е во селото, зашто инаку не би посветиле толку големо внимание. Ако имале информација дека се работи само дваесеттина обични бунтовници, тогаш ќе прателе обичен башибозук или локална жандармерија. Фактот што само за тој настан, во кој е убиен идеологот на македонското ослободително движење, сите турски служби со шифрирани телеграми ја изветиле Портата во Цариград, доволно говори за големината на самиот настан.

КАКО Е ОРГАНИЗИРАНО ПРЕДАВСТВОТО?

Иако од убиството на Гоце Делчев се поминати 121 години, се уште поставува прашањето кој го извршил предавството и како е извршена целата предавничка акција, почнувајќи од главниот извор во Солун? Според истражувањата на проф. д-р Христо Андонов -Пољански, кој беше еден најупорните истражувачи на Гоцевото време и дело, убиството на Делчев и ‘натаму останува во превезот на таинственоста’ се’ додека не бидат отворени ‘трезорите на цариградските, софиските, атинските и другите архиви во регионот’.

Од друга страна, проф. д-р Александар Стојановски, пак, кој пред десеттина години успеа да пронајде непознати турски документи поврзани со убиството на Гоце Делчев, смета дека судот на историјата е валиден само ако се базира на автентични информации и документи, кои ќе расчистат многу дијаметрално спротивставени тврдења околу убиството на идеологот на македонското ослободително движење.
Како почнал патот кој ќе заврши со смрт на највлијателната личност на македонската револуционерна организација во почетокот на двесеттиот век? Според автентичното сведоштво на Пеју Јаворов, кој бил со војводата во деновите пред убиството во Баница, Делчев уште на седми април 1903-та година му соопштил дека ќе оди во Слун за да се сретне со членовите на ЦК, како и со неговиот ‘најсакан другар Груев’ со надеж да најдат заедничко гледиште во врска со најавеното востание. Две недели подоцна Делчев тргнува за Солун, преправен како селанец од блиските села, со кошница вапцани велигденски јајца. Тоа се случува на 26 април 1903-та година. Во Солун тој се сретнува со Иван Гарванов и Даме Груев, и лично од Груев го доживува ‘последниот удар на разочарување’, како што потврдува и Ѓорче Петров во своите спомени. Од друга страна, лично Груев во своите спомени признава дека Гоце бил многу возбуден и разочаран од решението за востание, тврдејќи дека народот не е доволно вооружен а серскиот санџак е сосема без оружје. Разочаран од својот близок пријател Груев, проблечен како ќумурџија, со поцрнето лице, метла во едната рака и сноп праз под мишката, Гоце го напушта Солун најверојатно на 29-ти април. Не знаејќи дека веќе е предаден, тргнува кон Сер, следен од шпионот кој редовно го известува штабот на Третата армија во Солун. Бидејќи по пат поминал низ неколку села, во селото Ловча бил на први мај, со идеја да свика Окружен конгрес на ВМРО, за кој, како што изгледа, ништо не знае ни Даме Груев, ни другите од раководството на Организацијата. Конгресот бил планиран за 6-ти мај 1903 година, и на него требало да се донесе конечна одлука за тоа дали Серскиот округ ќе учествува во востанието и, доколку учествува, да се направи ‘план за предвидените дејствија’. Се разбира, за жал, Делчев не стигнува да го одржи Конгресот, бидејќи два дена пред тоа е ликвидиран во Баница. Значи, по краткиот одмор и таен состанок во селото Ловча , тргнува кон селото Дутли, каде што ја има оставено униформата и оружјето. Таму е на втори мај, и веднаш продолжува кон Баница, каде што се сместува во куќата на Георги Трендафилов, со широк двор ограден со камени ѕидови. Утрото на трети мај Делчев раскажува сон за убиството на неговиот брат Милан, а истиот ден четите на војводите Михаил Чаков и Димитар Гоштанов веќе се во ‘Лескиот’ над селото. Тие веќе биле известени дека на 6-ти мај треба да се одржи Окружен конгрес за да се заземе конечен став во врска со најавеното востание. Бидејќи местото каде што биле сметени било прилично повисоко од селото Баница, тие први забележале дека војската го затвора обрачот од правецот на селото Горно Броди, значи од правецот што го посочува Даме Груев преку ‘предавството на касиерот’.

ЛИКВИДАЦИЈА ЗАТОА ШТО СЕ СПРОТИВСТАВИЛ НА ОДЛУКАТА ЗА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ?

Како што тврди бугарскиот историчар д-р Димитар Тулеков, кој последниве неколку години интензивно истражувал во бугарските, но и во архивите на соседните земји за убиството на Делчев, војводите истата ноќ, на 3-ти мај, добиваат наредба преку серскиот окружен раководител Лазар Димитров, да дојдат на средба со Делчев во Баница. Уште ноќта тргнуваат надолу кон селото, и на 4-ти мај, околу 2 часот по полноќ, веќе се Баница. Делчев ги прима во куќата на Запро Ципаров. На таа средба е договорено Конгресот да се одржи на предвидениот датум, а во меѓувреме обрачот околу Баница веќе е поставен. Значи, турската војска добро знаела што се случува и кого бара. Според него, ако Турците немала прецизни информации дека во селото е Гоце Делчев со својата чета, прво немало да ангажираат толку војска и второ немало да прават таков обрач, кој во други прилики не го правеле ни за многу поголеми чети за кои добивале информации од месните шпиони. Тие добро знаеле кого имаат во обрачот и што значи неговата ликивидација за македонското револуционерно движење. Предавството им дошло како премија. Тоа е факт кој не може да се негира, иако некои ‘официјални’ информации , кои се всушност се само покривање на трагите, оперираат со тоа дека војската барала комити воопшто, а не лично војводата Гоце Делчев. Еве еден доказ за тоа.

Веднаш штом изгреало сонцето, турските војници го започнуват деталниот претрес на селото. За тоа постои сведоштво на старецот Иван Калин од Беница: ‘Ја претресуваа секоја куќа од дворот до таванот, барајќи човек ‘чија глава е проценета на 1000 лири и бимбашиски чин’ од Султанот . Сите мажи не’ собраа кај ‘камбанаријата’, не’ наредија во долга редица и тогаш пред нас излезе еден турски офицер, кој говореше на наш јазик подобро и почисто од нас…’ Се поставува прашањето кој е тој Турчин? Тоа е Х. Тефиков, стар познаник на Гоце, со кого заедно учеле во Софиското воено училиште. Зошто токму тој е дојден во Баница? Едноставно токму за да го идентификува Делчев, доколку биде фатен или убиен. Тој тоа и ќе го прави. Кога војската доаѓа до убиениот војвода, по наредба на Тефиков ги превртуваат убиените, а меѓу нив и трупот на Делчев. Според сведоштвото на очевидци, кои биле донесени за да ги идентификуваат убиените, Тефиков радосно извикал : ‘Ете, тоа е Делчев’. Кој ги добил 1000 златни лири не се знае, но се знае дека Тефиков набрзо бил унапреден. Оттука нема никакви дилема дека тој доаѓа во Баница за Гоце, за да се ликвидира токму тој што го барале. Затоа тој лично го потврдува идентитет на убиениот Делчев. Секако, за тоа однапред имале точни податоци од Солун, а потоа и добри шпиони кои го следеле движењето на Делчев низ селата.
Како се одвивале акцијата за ликвидација на Гоце Делчев? Благодарејќи на сведоци, но и на документи на турската војска кои се објавени и во Македонија, реконструирана е целата операција. Знаејќи со кого си има работа, турската војска најпрво сака да знае точно во која куќа е Делчев. За да ги заплашат селаните, го убиваат Стојан Попов, раководител на ВМРО во Баница, и тргнуваат да палат куќа по куќа во селото. Војводата Делчев, заедно со Михаил Чаков, Георги Радев, Димитар Гоштанов и нивните чети го напуштаат домот на Георги Трендафилов и Запро Ципарев негде околу десет часот претпладне. Нивната намера е да стигнат до горниот крај на селото, до последната плевна на ‘Рамница’ и оттука да се повлечат кон патот за Фраштани. Групата што ја предводел Гоце Делчев излегла на ‘Бакарово гумно’ и останувало само да се мине ‘Дешковата пољана’. Сето тоа го гледале и Катерина Демерџиева од Баница, која подоцна го раскажала како сеќавање за крвавиот настан во нејзиното село. За жал, таа била сведок и на последните минути од животот на Гоце. Имено, кога тој излегол на ‘Бакарево гумно’, од другата страна се појавиле неколку турски војници, кои биле скриени зад нискиот камен ѕид на гумното. Според директното сведоштво на Демерџиева, Гоце стрелал прв кон војниците, но пред да залегне еден куршум му ги пронижува градите. Тука веќе е завршена работата која требало да ја заврши специјалната потера, која тргнала со добри информации добиени од Солун за движењето на Гоце Делчев.

Се поставува прашањето кој знаел дека Гоце ќе оди токму во Сер и дека во Баница треба да се сретне со војводите кои требало да го носат товарот на востанието, ако воопшто се согласеле да има востание во Серскиот округ? Или, со кого Гоце единствено се видел од Солун? Дали некој не бил уплашен дека највлијателниот човек во македонското револуционерно движење може да ги наруши плановите за кревање на општонародно востание, за кое до последникот ден сметал дека е предвремено и недоволно подготвено?

НЕ САКАЛ ДА ГО ШТИТАТ, САМ ТРГНАЛ

Заедно со Делчев, во последната негова битка, загинуваат и Димитар Гоштанов, Стефан Тодоров, Димитар Паљанков, а Ѓорѓи Савеклијата е ранет. Лекуван, суден а потоа во 1906-та година амнестириран од Турците. Според турските документи што ги објави проф. д-р Александар Стојановски, во Баница се водела 30 часовна борба, во која загинале 11 комити и војводи. Сведоштвата на оние што биле во селото, потврдуваат дека меѓу оние што се спасиле биле Михаил Чаков, Георги Радев, Димо хаџи Димов, Таската Серски, Атанас Савеклијата и други. Иако војводите што биле околу него, инсистирале тие да го штитат а тој да се повлече со неколкумина четници, Делчев одлучил сам да се пробива низ обрачот. Некои тврдат дека тоа бил и некаков негов револт кон она што му се случувало во последните три-четири месеци, откако дознал дека некои луѓе во врвот на Организацијата донеле одлука за востание, без да ги знаат состојбите на теренот. Според војводата Михаил Чаков, на петти мај утрото, значи речиси дваесет и четири часа по убиството на Гоце, турскиот аскер доаѓа кај убиените, од кои некои лежеле ничкум. Ничкум лежел и Гоце. По заповед на командирот, војниците почнале да ги превртуваат труповите, а кого го првртеле Гоце, офицерот Тефиков веднаш покажал со прст во него, велејќи дека тој е човекот што го барале: “Тоа е Гоце”.

Историчарот д-р Димитар Тулеков, тврди дека веднаш по убиството на Делчев меѓу народот кружеле информации за предавство на Делчев, но и имиња на предавници кои ја помогнале нарачаната ликвидација да се реализира. Бугарскиот историчар тврди дека предавство има, но голем број од верзиите се противречни или взаемно се исклучуваат. Меѓу имињата кои најчесто се спомнуваат како директна врска меѓу нарачателот и штабот на Третата армија на Турската армија во Солун, е учителот Андреј Хрлев од Баница, кој имал зет Турчин, и одлично живеел со него. Од друга страна, Даме Груев, кој последен се видел со Гоце само неколку дена пред да биде убиен, во своите спомени тврди дека Гоце е ‘предаден во селото Броди од благајникот’, веројатно се мисли на благајникот на селскиот комитет на Организацијата. Ако е така, тогаш зошто во Баница се убиени четворица селани како предавници, иако нив никој не ги спомнува во тој контекст? Или: луѓето на ТМОРО во Серско, веднаш по убиството на Гоце, вршат своја истрага, па во врска со тоа , речиси 16 месеци подоцна го убиваат Ѓорѓи Агов од селото Старчишта, Неврокопско. Обвинението е дека тој бил облечен во турска алишта и ја водел потерата кон Баница. Во декември истата година, во речиси изгореното село Баница, четата на серскиот војвода Георги Радев, кој бил со Делчев во миговите кога бил убиен, казнува со смрт четворица селани: Марин Георгиев е исечен на пар~иња токму на местото каде што е убиен Гоце, а Коста Маџаров, Ѓорѓи Орешков и Коста Петров се заклани врз гробот на Гоце. Единствено обвинение за овие четворица луѓе е тоа што не ја исполниле наредбата на Радев да го убијат турскиот стражар во селото пролетта во 1903-та година. Потрагата по предавници ја продолжува и војводата Таската Серски, кој ликвидира неколкумина поради сомневања дека се предавници на Делчев.

Од друга страна, старицата Катерина Демерџиева во своите подоцнежни спомени како можен предавник го посочива и некој си Енус Мутафчиев, кој бил убиен дури во 1912 година. Нигде нема податоци што се случило со ‘благајникот’ што го посочува Даме Груев, но најсимптоматично е исто така дека нема податоци ни за евентуална одлука на ЦК на ТМОРО за конкретна и сеопфатна истрага во врска со убиството на Дел~ев, какви што се правеле при убиства на други видни дејци на ревиолуционерното движење. Се добива впечаток дека другарите од ‘врвот’ како многу брзо да го заборавиле апостолот на македонското револуционерно движење.

Што се однесува пак до Андреј Хрлев, Георги Баждаров, подоцнежен задграничен преставник на ВМРО, се согласува дека тој бил предан член на ВМРО, но како селски раководител, пролетта во 1903-та година, кога Гоце е убиен, тој ја ‘губи претходната увереност во успехот на народното дело’. Во таква состојба, разочаран и колеблив, тој бил собран од турската војска при опсадата на селото Горно Броди. Дали Даме Груев мисли на него кога го спомува ‘благајникот’ од Броди, не се знае. Но, фактот што го потврдува и турската власт во документите е дека признал многу работи, но меѓу нив нема пишан доказ дека тој навистина го извшрил предавството.

Според д-р Тулеков, самиот Андреј Хрлев, триесет години подоцна, публикува спомени со наслов: ‘Кој го предаде Гоце?’. Во тој текст Хрлев тврди дека турската војска при опколувањето на Баница ја воделе двајца врховисти испратени од Солун?! Кои се тие двајца врховисти никој не знае, но сепак може да има и некаква логика во тоа, зашто токму врховистиката струја е таа која упорно се залага за кревање предвремено востание во Македонија. Сепак, доколку предавството го извршил Андреј Хрлев, тогаш зошто тој не е казнет од ВМРО, туку се казнети некои селани за нешто што нема директна врска со настанот во Баница?
Благодарејќи на документи од европските дипломати пред извесно време се откриени две нови верзии за убиството на Гоце Делчев. Едната е од 12 мај 1903-та година на англискиот генерален конзул во Солун, Алфред Билиоти до амбасадорот О’ конор во Цариград:

„На 4 мај 1903 учител во Баница е уапсен близо до Сер поради поседување на неколку куршуми за манлихерка. Тој бил затворен, и дал значајни информации кои доведоа до блокирање на Баница и до последниот судир…“

Другиот документ е допис од 13-ти мај 1903-та година на францускиот конзул во Солун, Стег, до министерот на надворешни работи Делкесе. Според тој документ ‘еден селанец од Горно Броди им кажал на Турците дека во Баница има лица од комитетот (ВМРО). Селото е блокирано и по 20 часа четата е уништена’.

Значи предавство има, а сите канали водат во Солун од каде што е тргната информацијата за движењето на Делчев. Оттука, од Солун и тој тргнал кон Баница.