Доскорешната потпретседателка на СДСМ и пратеничка, Фросина Ременски, по денешниот 2,5-часовен распит во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција изјави дека не била присутна кога се договарала трансакцијата од 720 илјади евра на бизнисменот Силјан Мицевски со Меѓународниот сојуз, чиј претседател е осомничениот и притворен Бојан Јовановски алијас Боки 13.
Почесната претседателка на Сојузот ги отфрли сите шпекулации за нејзина поврзаност со криминалната афера „Рекет“.
Ременски не одговори на прашањето дали како почесен претседател на Меѓународниот сојуз била запознаена со плановите и стратегиите на невладината организација. Ременски рече дека сè што знае за случајот го кажала на распитот пред обвинителката Вилма Русковска.
Таа за познанството со Боки 13 рече дека не станува збор за нешто посебно, туку се познавала исто како и со новинарите.
– Се што имав да кажам и на сите прашања кои што имаше интерес Јавното обвинителство да добие одговор ги дадов. Како што кажав и на почетокот, на моменти кога од страна на опозицијата се споменуваше моето име во контекст на Меѓународниот сојуз, кажав дека немам ништо против Јавното обвинителство да го истражи секој момент повзан со моето повикување во контекстот на Меѓународниот сојуз како невладина, изјави Ременски.
Прашана дали присуствувала на средбата со Бојан Јовановски за трансакцијата на Силјан Мицковски од 720 илјади евра, Ременски рече дека нема никакво лично присуство.
– Сите прашања поврзани со Меѓународниот сојуз, облигационите односи што ги има Меѓународниот сојуз со лица и фирми, значи лично присуство немам никакво. Во контекст на она што беше побарано од ЈО да го дадам како одговор на одредени прашања, кои можеби одат и повеќе од ова ваше прашање, јас нема да можам да дадам одговор бидејќи е во контекст на тајноста, изјави Ременски.
Посочи дека тука се зборува за конкретен кривичен правен настан и не се зборува за лични релации, и дека не може да зборува за никакви други лични релации кои не се контекст на кривично правниот настан што го истражува ЈО.
На новинарско прашање дали се познава со Јордан Камчев и Зоран Милевски Кичеец, Ременски одговори дека со индигнации ги отфрла и демантира сите такви информации.
Прашана дали го посетила Борјан Јовановски додека е во притвор, Ременски рече дека ниту побарала, ниту го посетила.
Во однос на почесното претседателство во Меѓународниот сојуз, Ременски рече дека во ниту еден момент не подразбира формално правна обврска за било какво учество и одлучување во органи.
– Квалификациите што правел Меѓународниот сојуз ќе ги оставам да ги утврди ЈО. Ниту јас, ниту вие како новинари не треба да даваме квалификации. По прашњето за грижата на совест, тоа е индивидуална категорија на секој поединец и сите ние имаме и одговорност, меѓутоа и сите ние имаме и ситуации во животот кога и другаруваме или сме во роднинска врска со луѓе кои можеби сториле или не сториле нешто, а сме биле во некаква комуникација. Тоа не значи дека тоа повлекува и некаква грижа на совест особено ако не се однесува за дејствија поврзани меѓу нас, истакна Ременски.
Досега на распит беа повикани обвинителите од СЈО – Лиле Стефанова, Бурим Рустеми, Катица Јанева, Јосифовска, како и Лила Филиповска и Силјан Мицевски.