Овде се случува вистинска револуција, јави пред малку хрватска репортерка која денеска се наоѓа во жариштето на протестите на жолтите елеци во Франција.

– Нема мир на француските улици. Низ Франција се распоредени околу 90.000 полицајци, а протестираат околу 30.000 демонстранти. Стотици се приведени во судирите со полицијата, јавува репортерката на Дневник.хр.

Во Париз се проценува дека протестираат околу 5.000 демонстранти, а има околу 8.000 полицајци.

– Затекнав вистинска револуција, малку потивка од таа во минатата сабота, поради пресилниот полициски притисок, но сепак илјадници луѓе протестираат бидејќи не им се допаѓа како живеат. Тука се луѓе на кои со една плата им е преслаба куповната моќ. Превисоки им се даноците. Протестираат затоа што сакаат тоа да се смени и бараат да си замине францускиот претседател Енамуел Макрон. Видов премногу полиција. На Шанзелизе проверуваа се, и новинарите. На многу луѓе им одземаа работи за кои проценуваа дека може да се користат во протестите. На демонстрантите кои беа насилни полицијата им фрлаше солзавец и пукаше со гумени куршуми, јавува репортерката на ТВ Нова.

Таа видела како полицијата пукајќи со гумени куршуми погодила и пожарникар, кој всушност и помагал на полицијата, а последици од солзавецот имала и новинарката и снимателот кои се затекнале во жариштето.

Најмалку 55 лица, меѓу кои и тројца полицајци, се повредени денеска во Париз, соопшти локалната полиција.

Во Париз се уапсени 637 лица, од кои повеќето се ставени во притвор, затоа што носеле чекани, топки за петанк, тули и камења, јавија француските медиуми.

Полицијата соопшти дека низ целата земја денеска се притворени речиси 1.000 луѓе.

Судирите повторно почнаа во доцните попладневни часови на Шанзелизе, каде полицијата употреби солзавец, звучни гранати и гумени куршуми. Многу улици и булевари во главниот град на Франција се покриени со облаци од солзавец.

Протести на жолтите елеци денеска се одржуваат и во Холандија и во Белгија. Некои медиуми објавија дека на протестот во Брисел, демонстрантите се обиделе да влезат и во седиштето на евроинституциите. Објавено е и видео на социјалните мрежи, како што е наведено, од обидот на жолтите елеци да влезат во зграда на ЕУ во Брисел.

BREAKING: Yellow vest protesters try to enter the European Parliament in Brussels

Gepostet von Voice of Europe am Samstag, 8. Dezember 2018