Големата седумка го загуби своето значење како инструмент на глобалното управување, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.

Според него, се повеќе и поважни прашања се решаваат во други формати, на пример Г-20.

Москва нема интерес да се врати во организацијата на земјите од „големата седумка“, не доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп за следниот самит на Г-7, но во секој случај како бесмислено го смета прашањето за своето учество на оваа средба, изјави Рјабков за руските медиуми.

-Не добивме никакви покани и во целина нема смисла да зборувам за тоа. Тоа е бесмислен разговор, затоа што, како што кажав, ние имаме целосно различни приоритети, „седумката“ не е меѓу нив, рече Рјабков.

Тој потсети дека рускиот претседател Владимир Путин и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров повеќепати зборувале за загубата од страна на „седумката“ во текот на последните години на нејзиното претходно значење како инструмент за глобално управување. Се повеќе прашања од меѓународната агенда се решаваат во целосно различни формати, на пример во Г-20, изјави Рјабков.

-Фактот дека лидерите на Г-7 се среќаваат, разгледуваат нешто, прават некакви соопштенија, не останува незабележано, но значењето на сето тоа ние не го преувеличуваме, појасни Рјабков.

Следниот самит на Г-7 ќе се одржи во јуни 2020 гопдина во „Trump National Doral“ во непосредна близина на Мајами. Одморалиштето зафаќа површина од 800 хектари.

Русија беше исклучена од Г-8 во 2014 година поради анексијата на Крим и поддршката на проруските сепаратисти во источна Украина.