Се наоѓаме во најдинамичната недела со најголем број на флуктуации на дневна основа на берзата на нафтените деривати особено на дизелот што се рефлектираат на крајната цена на дериватите што ги плаќаат крајните купувачи во земјава, порачуваат од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), чиј претседател е Марко Бислимовски.
Токму затоа, додаваат, вчера донеле одлука за намалување на маржите за трговците за 33 отсто, односно од 4,5 на 3 денари за литар за да се амортизира крајната цена.
Доколку во вчерашната одлука за зголемувањето на цената на нафтените деривати реално ги земеле сите параметри, како што велат од РКЕ цената на дизелот би се зголемила за 10,5, а на бензините за 5,5 денари за литар.
Од РКЕ ги повикуваат трговците на трпеливост и солидарност и најавуваат дека маржата ќе им биде вратена веднаш кога ќе се создадат услови за тоа. Потсетуваат дека за заштита на цената не електричната енергија и парното греење профитот кај МЕПСО и ЕСМ е намален за 90 отсто, а кај БЕГ е 0 отсто. Очекуваат и Собранието брзо да ги донесе новите мерки за акцизата и ДДВ-то на горивата што вчера ги усвои Владата.
Како што велат од РКЕ, токму на барање на трговците со нафтени дериват се одлучиле да ја променат методологијата на одредување на цените и да работат ден за ден, односно да има промена на цената на нафтените деривати секој ден доколку пресметката покаже дека малопродажната цена би можела да оди два денари нагоре или надолу.
Свесни сме, порачуваат од РКЕ, дека трговците купуваат во реално време, а ние правиме цена за минатиот период. Минатата недела беше главниот удар, а ние правевме цени врз основа на претходната недела поради што трговците се соочуваа со губитоци кои кај дизелот достигнаа до 22 денари. Затоа почнавме со методологијата дена за ден во која се следи просекот од изминатите пет дена.
Од РКЕ потсетуваат дека тоа што се случува со суровата брент нафтата на берзите нема влијание кај нас во пресметките зашто, како што велат, кај нас влијае она што се случува на берзите за секој нафтен дериват посебно и курсот на денарот во однос на доларот. Се зема просекот од пет дневните котации на берзата за секој нафтен дериват посебно.
Од РКЕ нагласуваат дека се одлучиле на таков начин на пресметка со пет дневен просек за да нема ценовни шокови. Доколку оделе со цената од последниот ден во понеделникот дизелот ќе поскапел за 15,5, а вчера за 20 денари за литар. Во викенди нема котации на берзата и затоа нема за време на викенд да се менува и малопродажната цена во земјава.
Од РКЕ очекуваат набрзо да се стабилизира состојбата на светскиот пазар и велат дека тоа може да го направат сам големите земји. Идејата, како што велат, е да се стабилизира производството и за тоа поголемите земји веќе ги вклучуваат стоковите резерви. Проблем, како што посочуваат, е и производната цена на нафтените деривати која е зголемена заради повисоката цена на електричната енергија на светските берзи, но и заради поскапото производство на нафтени деривата со повисоки еколошки стандарди.