Во Кривичниот суд Скопје 1 на денешно рочиште за предметот “Титаник”, сведочеше Јадранка Гулевска, поранешна началничка на Одделот за управни работи во Скопје.

На прашање на одбраната дали била повикана на распит во СЈО во својство на осомничен, одговори потврдно, но по мимиките на обвинителката Лиле Стефанова веднаш го смени одговорот и одговори со НЕ. На вкрстените прашања Гулевска неколку пати ги менуваше своите одговори со да и со не по реакција на обвинителката Лиле Стефанова, пишува скопска Република.

Според порталот, сведокот Гулевска во судницата, освен со Стефанова цело време беше во визуелна комуникација и со вработената во СЈО – Катерина Тунџева, ќерка на актуелниот директор на Агенцијата за катастар на недвижности, Борис Тунџев.

На прашањето дали ѝ била понудена некаква спогодба од страна на СЈО, одговори ДА. Откако беше запрашана за каква спогодба станува збор и кога ја потпишала, таа одговори дека направила усна спогодба, за која никаде не е внесен писмен запис, ниту пак е известен судот.

Сведокот одговори со неточен и невистинит исказ и околу самата постапка за издавање на лична карта, бидејќи согласно законските измени сите податоци кои странките треба да ги достават, а се службени документи, се прибавуваат по службена должност и странките не се должни да ги достават, истакнува Република.