Руската армија ги осуети плановите за офанзива на вооружените сили на Украина во областа Запорожје, изјави денеска членот на главниот совет на регионот Запорожје, Владимир Рогов.
– Благодарение на нашите превентивни дејствија, плановите на непријателот да изврши широка офанзива на ослободениот дел на регионот Запорожје со цел да стигне до брегот на Азовското Море беа спречени, изјави Рогов за руските медиуми.
Според него, „сега украинските сили се принудени да ги повлечат резервните трупи, вклучително и од насоката кон Доњецк, за да ја задржат линијата на фронтот“.
Руската армија претходно соопшти дека започнала локални офанзивни операции во областа Запорожје.
Борбите се водат речиси по целата линија на фронтот, а главните се во областа на градовите Орехов и Гуљајполе.
Информациите не можат независно да бидат проверени.
Русија ја анектираше областа Запорожје по нелегалниот референдум одржан во септември минатата година со уште три украински региони, кои гласаа за приклучување кон Руската Федерација – Доњецката и Луганската Народна република и регионот Херсон.
Повеќе од 70 отсто од регионот Запорожје во моментов е под руска контрола, а украинските војници го држат регионалниот центар – градот Запорожје.