Романската полиција пронашла десетици пакети со кокаин со вкупна тежина од околу 100 килограми кои брановите ги исфрлиле на брегот на Црното Море, а надлежните претпоставуваат дека дрогата е дел од товарот кој беше откриен на брод што пред десетина дена се преврте во делтата на Дунав.

Според полициски извори, пакетите ги пронашле граѓани на плажите на романското приморје и пријавиле во полиција.

Полицијата на градот Констанца ги предупреди граѓаните да не ги отвораат пакетите на плажата, затоа што содржат опасни материи.

На брегот на Црното Море во тек е голема операција во врска со шверц на наркотици со која раководат романското обвинителство, полицијата, жандармеријата и граничарите.

Романските власти пред десетина дена запленија повеќе од еден тон кокаин со висок квалитет кој бил скриен на брод што се преврте во делтата на Дунав, а тогаш беше соопштено дека полицијата уапсила двајца Срби.

Уличната вредност на запленетата дрога се проценува на 300 милиони евра.