Романија достави доверливи податоци до Брисел во рамките на истрагата на Европската комисија против платформата ТикТок во врска со поништените претседателски избори во земјата во 2024 година, објави Диџи24, повикувајќи се на портпаролот на Европската комисија, Тома Рение.
Доколку биде утврдено дека е одговорна за прекршувањата, платформата се соочува со казна до шест проценти од својот вкупен глобален промет. Се очекува истрагата да заврши до крајот на оваа или на почетокот на следната година, наведува изворот.
Европската комисија во декември 2024 година покрена официјална постапка против ТикТок поради сомневања за прекршување на Законот за дигитални услуги на Европската Унија (DSA), кој ги регулира нелегалните содржини, транспарентноста на финансирањето на рекламите и дезинформациите.
Постапката беше покрената откако Уставниот суд на Романија одлучи да го поништи првиот круг од претседателските избори поради информации за можно странско мешање и сомневања за координирана кампања на ТикТок во корист на независниот кандидат за претседател од крајната десница, Калин Џорџеску.
Загриженоста на Европската комисија се однесува на начинот на кој функционираат алгоритмите за препорачување содржини на социјалната мрежа, како и на системот за политичко рекламирање, кој подразбира задолжително и јасно означување.
МИА




