Со головите во 89 и 96 минута Кристијано Роналдо и донесе победа на Португалија над Република Ирска во мундијалските квалификации и дојде до рекорден број од 111 голови во репрезентативниот дрес, постигнување кое претседателот на ФИФА Џани Инфантино го нарече „награда за блескавата кариера“.

Роналдо до средата вечер го делеше првото место според бројот на репрезентативни голови (109) со поранешниот голгетер на Иран, Али Даеи. Иако во 15 минута од дуелот со Ирска, промаши пенал, португалскиот капитен со два гола во самиот финиш донесе пресврт и го собори рекордот стар 15 години.

– Тоа постигнување е награда за блескавата кариера и речиси дводецениско претставување на сопствената држава на највисоко ниво, што сведочи за исклучителната посветеност на твојата уметност и за твојата неверојатна страст кон фудбалот, истакна Инфантино во честитката до Роналдо.

– Во процесот на соборување на рекордот според бројот на голови во меѓународниот фудбал ти стана не само национален херој, туку и меѓународна икона и идол на младите фудбалери ширум светот. Твоите вештини и константната желба за напредок заслужуваат глобален восхит. Честитки Роналдо, додаде првиот човек на ФИФА.