Руските Воздухопловно-космички сили и транспортната авијација испратија припадници на Воздухопловните сили во Казахстан, како дел од мировните сили на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), соопшти денеска Секретаријатот на таа организација.

„Руските воени единици на Воздухопловните сили се приклучија на колективните мировни сили на ОДКБ“, се вели во соопштението на Секретаријатот, пренесува руската агенција ТАСС.

Членки на ОДКБ се Русија, Ерменија, Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан, а Србија и Авганистан имаат статус на набљудувач.

Протестите поради високите цени на горивото избија на 2 јануари во регионот Мангистау во југозападен Казахстан, а два дена подоцна протести го зафатија Алмати, југоисточниот дел на земјата и други градови.

Во судирите има жртви, а казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев воведе двонеделна вонредна состојба низ целата земја и ја распушти владата.