Русија предупреди на последици за Велика Британија по извештаите за употреба на британски дронови за напади врз цели длабоко на руска територија.

Украина во рамките на таканаречената кампања за длабоки удари користела дронови произведени од две британски компании, објави лондонскиот весник „Сандеј тајмс“.

Киев годинава ги засили нападите врз Русија, при што ракети со долг дострел и роеви дронови сè почесто гаѓаат воената индустрија и енергетски објекти на руска територија.

Руската амбасада во Велика Британија оцени дека извештаите потврдуваат оти Лондон намерно се определил за ескалација на кризата во Украина и го обвини Обединетото Кралство дека се обидува да ја ограничи Русија и да и нанесе максимална штета.

„Постапките на Лондон неизбежно ќе имаат последици за што тој ќе мора да одговара“, соопшти Руската амбасада.

Од таму предупредија дека колку е поголема британската вмешаност во конфликтот и поддршката за Украина, толку повисока ќе биде цената што ќе ја плати Велика Британија.