Германија и официјално потврди дека на Украина ќе и испорача 14 офанзвни тенкови Леопард 2, а исто така ќе дозволи извоз во трети земји. Кремљ предупредува дека овие тенкови, доколку се испорачаат на Украина, ќе бидат уништени на бојното поле.
– Оваа одлука ја следи нашата посветеност да ја поддржиме Украина најдобро што можеме. Дејствуваме во согласност со блиската, меѓународна координација, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц, потврдувајќи дека Леопард 2 ќе биде испратени.
Германските медиуми во вторникот вечерта веќе објавија дека по неколкунеделен притисок, германскиот канцелар се согласил да му ги достави на Киев борбените тенкови Леопард 2.
Германија има за цел да опреми два баталјони со тенкови Леопард 2 што е можно поскоро, во првиот чекор Берлин ќе обезбеди 14 тенкови. Како што соопштија и од Берлин, обуката на украинските војници ќе започне што е можно поскоро, а Германија ќе обезбеди логистика и муниција.
Тие рекоа дека наскоро ќе издаваат дозволи за земјите кои сакаат да испратат тенкови во Украина. Како производител, Германија мора да го одобри секој извоз на тенкови.
– Технолошки, ова е неуспешен план. Ова е преценување на потенцијалот што ова ќе го додаде на украинската армија. Овие тенкови горат како и сите други, само се многу скапи, им рече на новинарите денеска портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, пренесе АФП.