Руската телевизија РТ објави видео од хрватски државјанин кој се борел во редовите на украинската армија, кој бил член на бригада стационирана во окупираниот град Мариупол.

Тоа го потврдија и од хрватското Министерство за надворешни и европски работи.

– Министерството за надворешни работи има информации за заробениот хрватски државјанин и продолжува да работи на разрешување на случајот во соработка со украинските власти. Поради чувствителноста на ситуацијата, во овој момент не можеме да откриеме подетални информации, велат од хрватското министерство.

На видеото што го објави РТ, заробениот Хрват В.П. вели дека бил заробен додека се обидувал да побегне од опколениот град заедно со уште неколку борци.

– Го напуштивме Мариупол и пешачевме 260 километри, криејќи се, пешачевме само ноќе, избегнувајќи секаков можен контакт, вели тој.

Планот пропаднал кога групата налетала на руската артилериска единица и ѝ се предал.

Тој исто така вели дека се приклучил во редовите на украинската армија во 2020 година за да добие украинско државјанство. Во тоа време, тоа изгледало како добра идеја, бидејќи линијата на фронтот во Донбас беше стационарна, рече тој.

– Мојата причина зошто сакам да добијам украинско државјанство е тоа што овде запознав жена во која се заљубив. Таа имаше болна мајка и не сакаше да ја напушти Украина, вели тој.

Човекот, наводно, претходно поминал пет години во хрватската војска. Тој инсистираше на тоа дека нема вистинско борбено искуство.

– Пет години бев пешак во хрватските вооружени сили, тоа е се. Досега не сум бил вклучен во никакви конфликти, вели заробениот Хрват.