Руската амбасада во Лондон како неприфатливи ги оцени зборовите на британскиот премиер Борис Џонсон дека Полска во 1939 година се нашла „заробена меѓу чеканот на фашизмот и наковалната на комунизмот“ .
Амбасадата во соопштение оценува дека изјавата на британскиот премиер, дадена по повод 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна, збунува, пренесе ТАСС.
– И покрај сите историски дискусии околу советската воена операција во источните области на Полска (Западна Украина и Западна Белорусија), да се опишат работите на начин да се изедначат акциите на СССР со агресијата на Хитлер е апсолутно неприфатливо, наведува руската амбасада во Лондон.
Притоа во соопштението се потсетува и на улогата на британската дипломатија.
– Доколку треба да се разговара за тоа кој, освен Хитлер, е одговорен за полската трагедија во 1939 година, не може да се избегне потсетувањето на улогата на британската дипломатија која не се спротивстави на агресивната нациситичка политика (сетете се на Австрија, Чехословачка, Мемел), но, исто така, и на постојано попречуваните советски предлзои за изградба на ефикасен сојуз против нацистите, вклучувајќи и посебна одбрана за Полска, се наведува во соопштението на амбасадата.
Оттаму наведуваат дека оваа расправа е долготрајна, но дека им ја препуштаат на историчарите.
– Големо мнозинство Руси и Британци кога се потсетуваат на Втората светска војна им одаваат почит на паднатите, како и на советско-британскиот сојуз. За жалење е што премиерот одбра поинаков агол кој, за среќа, не ужива голема популарност во Велика Британија, се заклучува во соопштението.