Искрено се радувам што обвинетиот Сашо Мијалков реши сам да се пријави, изјави вечерва обвинителката Вилма Рускоска, појаснувајќи дека Мијалков преку посредници побарал да се пријави токму во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Обвинителката посочи дека најпрво се консултирала со јавниот обвинител на Република Северна Македонија дали да го прифатат или сепак да се пријави во полиција.

Јавниот обвинител рече дека може да се пријави и кај нас. Од кога е дојден до сега  Мијалков беше обезбедуван од истражителите кои се во Истражниот центар на ЈО за гонење организиран криминал и корупција, додаде Рускоска. 

Во однос на повлекувањето на жалбата за затворски, наместо куќен притвор, обвинителката рече дека тоа е сторено за да не се губи време.

-Мене колку што ми е познато, а тоа е од разговор со претседателот на Судот и тоа беше во претпладневните часови, самиот претседател замоли да биде повлечена жалбата затоа што и фактички решението до тогаш не беше спроведено, нели се уште беше недостапен обвинетиот Мијалков и да не се губи време да се поднесе нов предлог за определување мерка притвор затоа што првото решение не беше спроведено. Потоа, колку што имам сознанија разговарале и на таа тема со јавниот обвинител Љубомир Јовевски, истиот се согласил и така од тие причини тогаш е повлечена жалбата, рече Рускоска. 

На прашањето дали сега повторно ќе побараат затворски притвор, обвинителката кажа дека ќе размислат, бидејќи цел ден беше доста бурен.

– Со колегите што го застапуваат предметот, со јавниот обвинител ќе одлучиме. Но сепак олеснителна околност е што самиот се пријави во Обвинителството, истакна Рускоска.

За тврдењето на Мијалков дека бил болен и дека дури утринава дознал оти се трага по него обвинителката рече дека не се видела со Мијалков и не знае како делува, дали е болен или не.

-Единствено се видов со едниот негов адвокат.  При разговор со неговиот адвокат двајцата заклучивме дека направил грешка што не се пријавил и не го примил решението. Навистина не знам каде бил, изјави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал.

Мијалков, кој е обвинет во предметот Таргет – Тврдина, денеска попладе сам се пријави во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и при тоа му беше врачено решение за определена мерка куќен притвор.

– Пред два дена како резултат на оперативни сознанија кои укажуваа на можност од бегство, на предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд – Скопје со Решение на обвинетиот Сашо Мијалков му определи мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор. До денес обвинетиот беше недостапен за органите на прогонот, наведоа во соопштение од Обвинителството.