Јужна Кореја, Америка и Јапонија одржаа заеднички поморски вежби во меѓународните води јужно од јужнокорејскиот остров Чеџу, во кои учествуваше американски носач на авиони, со цел зајакнување на способноста на трите земји да одговорат на заканите од Северна Кореја, соопшти јужнокорејската морнарица.
Во соопштението се наведува дека на вежбите одржани вчера и денеска учествувал американскиот носач на авиони на нуклеарен погон Ју-Ес-Ес „Теодор Рузвелт“, како и три американски разурнувачи со наведувани ракети, на кои им се приклучиле два разурнувачи од Јужна Кореја и Јапонија.
Нагласено е дека за време на вежбите е развиена способноста на трите земји да се спротивстават на заканите од севернокорејските подморници и балистичките ракети лансирани од подморници.
Ова е последна во серијата заеднички вежби одржани откако САД, Јапонија и Јужна Кореја на самитот во Кемп Дејвид во август 2023 година се договорија да одржат трилатерални вежби како одвраќање од растечките безбедносни закани.