Под покровителство на иселеничката организација Форум за демократска Македонија,  Денот на сесловенските просветители, св. Кирил и Методиј – 24 Мај, беше одбележан во главниот град на САД со пригодно предавање за нивното дело и културно наследство.

Предавањето беше подготвено и презентирано од  Анета Георгиевска-Шајн, историчар на уметност и предавач на Универзитетот на Мериленд и музејската институција Смитсонијан. Во него беа опфатени бројни елементи на делото, мисијата и историското значење на овие просветители – од формирањето на глаголското писмо и неговата улога во ширењето на писменоста кај повеќе словенски народи, до културното наследство поврзано со нивното дело, вклучувајќи средновековни црковни зданија и ракописи, но и оние од поновиот период.

Настанот се одржа во просториите на Амбасадата на Република Северна Македонија, а беше проследен со прием во чест на овој голем празник.

На настанот присуствуваа американски граѓани од разни сфери на јавниот живот, но и гости од други амбасади, вклучувајќи и од соседните држави.

Форумот за Демократска Македонија, како што наведуваат на нивниот фејсбук профил, преку своите претставници и членови на разни места во светот, ќе продолжи да организира слични настани насочени кон афирмација и валоризација на македонскиот јазик, идентитет и културно наследство.