Гувернерот на сојузната држава Калифорнија, Гавин Њусом денеска објави мораториум на смртната казна во оваа држава каде моментално повеќе од 700 затвореници чекаат извршување на смртна казна, објави Еј-Би-Си.

Гувернерот со овој указ помилува 737 затвореници осудени на егзекуција и стави мораториум на употребата на смртната казна во државата. Калифорнија има најмногу осудени на смрт од сите сојузни држави во САД.

– Не верувам дека едно цивилизирано општество може да тежнее кон светско лидерство додека властите продолжуваат умислено и дискриминациски да егзекутираат луѓе, изјави Њусом во врска со неговата одлука, додавајќи дека смртната казна е против темелните вредности на Калифорнија.

Иако гласачите во оваа сојузна држава во 2016 година се изјаснија за задржување на смртната казна, во изминатите 13 години ниту еден осуден не прими инјекција со хемиски раствор што ја запира работата на срцето. Причината за ова се долготрајните судски спорови околу процедурите за употреба на смртоносната инјекција.

Последната смртна казна извршена во Калифорнија беше во 2006 година, за време на гувернерот Арнолд Шварценегер.

Њусом најави решавање на ова прашање по доаѓањето на власт повикувајќи се на високите трошоци, расната нееднаквост и социјалната дискриминација.

– Постои дискриминација на осудените на смрт кои се ментално болни, црномурести или оние кои не можат да си дозволат скапи адвокати, изјави тој,  додавајќи дека смртната казна е апсолутна и неповратна во случај на грешка и дека државата од 1978 година досега потрошила пет милијарди долари за осудените кои чекаат егзекуција.

Со указот се затвора и комората за егзекуција во Државниот затвор Сан Квентин која досега не била употребена и се укинува калифорнискиот протокол за смртоносна инјекција.

На одлуката на Њусом за укинување на смртната казна претседателот Доналд Трамп во соопштение на Твитер реагираше дека тоа ќе биде удар кон роднините на жртвите на убијците.

– Да се оди против волјата на гласачите на Калифорнија за смртна казна на 737 сурови убијци. Пријателите и роднините на секогаш заборавените жртви не се задоволни, ниту сум јас, напиша Трамп.